Мицкоски од нога разговараше со Марко Рубио
Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, се пофали на Фејсбук дека разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио во Њујорк. Објавувајќи неколку форографии од средбата, Мицкоски вели дека „овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави“.
Од фотографиите се гледа дека овој разговор од нога е на некој неофицијален настан, затоа што премиерот Мицкоски е неформално облечен, без вратоврска, што претпочита дека средбата нема официјално значење. Мицкоски не дава детали каде се случила таа средба – дали на некој прием или друг настан, ниту пак кој го организарал.
Покрај него е министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој веќе имаше официјална средба со Рубио во Стејт департментот.
Во објавата на Фејсбук Мицкоски пишува дека директната комуникација на високо политичко ниво била „важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник“. Тој додадава дека „Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери“.
Инаку, Марко Рубио, според агендата што ја објави Стејт департментот, допатува во Њујорк на Генералното собрание на ОН во неделата на 20 септември и ќе остане таму до 23 септември, ден по говорот на претседателот Доналд Трамп. Стејт департментот не објавува на каква свеченост или прием бил Рубио во неделата, ниту пак дека со некого се сретнал.
На оваа објава реагираше СДСМ велејќи дека премиерот Мицкоски „разговор во ходник со државниот секретар Марко Рубио дома го продава како средба на ултра високо политичко ниво. Страшно е човек што ја води владата на земјата, неформално муабетење во ходник да го претстави како официјална средба.
Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови. Нема основна култура. Нема почит кон институција и кон соговорник. Нема политички бонтон. Како на пазар.
Еве како нè претставува самопрогласената елита. Како во кафеана“, велат од СДСМ.
Премиерот пред поаѓањето во САД во интервју за јавниот сервис најави дека во Вашингтон ќе има средби на „ултра високо ниво“. Тој отпатува во Америка минатиот вторник, а има официјални информации само за три средби – две со републикански конгресмени и една со директор за планирање политики во агенцијата ДФЦ. Тој имаше и интервју во Атлантскиот совет. Во најавата за посета Мицкоски рече: „Што се однесува до мојата посета најпрво во Вашингтон, планирани се средби на ултра високо ниво во рамките на Сенатот, Конгресот и Стејт департментот и средби на ултра високо ниво со претставници на ДФЦ“. Мицкоски го напушти Вашингтон, но немаше средби ни во Сенатот ни во Сејт департментот.
Македонскиот премиер ќе зборува на Генералното собрание в петок на 22 септември, и ако тргне утредента за Скопје тоа значи дека неговата посета на САД ќе трае 12 дена.