Интерактивно музејско доживување „Светот на Хомер“ во Археолошкиот музеј во Скопје
Во Националниот археолошки музеј во Скопје денеска ќе се одржи „Светот на Хомер“, авторско игрифицирано музејско доживување што ги поврзува Хомеровите епови „Илијада“ и „Одисеја“ со археологијата, музејските експонати и интерактивното учество на посетителите.
Настанот, чиј автор е археологот и сертифициран тренер за интерпретација на наследството, Василка Димитровска, е конципиран како интерактивна програма во која учесниците преку археолошки предмети и реплики, мапи, визуелни материјали и авторски игри ќе го истражуваат светот на античките епови.
– Наместо класично предавање, учесниците ќе истражуваат археолошки предмети и реплики, ќе работат со мапи и визуелни материјали, ќе решаваат предизвици и ќе учествуваат во авторски игри преку кои постепено ќе го откриваат светот зад „Илијада“ и „Одисеја“ – стои во соопштението од Креактива.
Според организаторите, доживувањето ги поврзува Кокино, микенската цивилизација, Троја, Пајонците и дел од археолошките предмети од музејската поставка во единствена наративна целина. Во рамки на програмата се предвидени и двете авторски игри „Патот на Сонцето“, инспирирана од локалитетот Кокино, и стратешката игра „Светот на Хомер“.
Настанот ќе започне во 10:30 часот, а се реализира во соработка со Националниот археолошки музеј во Скопје, во рамки на Европските денови на наследството. Поради интерактивниот карактер на програмата, бројот на учесници е ограничен на 15 лица.