Сите дигаат раце од Виткоф, дури и Русија!
Киев и Москва чувствуваат сè поголемо незадоволство од мировниот процес во кој посредуваат САД – како и од пратеникот на Вашингтон, Стив Виткоф – изјавија за „Киев Индипендент“ (Kyiv Independent) лица запознаени со ситуацијата.
Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, кој се наметна како клучен преговарач за мир, во почетокот на септември отпатуваа во Русија и Украина во обид да ги рестартираат заглавените преговори. Тие ги напуштија двете земји без некои значајни резултати од тој обид.
Сепак, зад сцената се одвиваат неколку одвоени напори за негово маргинализирање. „Киев Индипендент“ дознава дека има повеќе иницијативи чија цел е да се наруши неговиот близок однос со рускиот пратеник Кирил Дмитриев.Официјални лица и луѓе блиски до процесот, како во Киев така и во Москва, ја доведуваат во прашање улогата на Виткоф. Истовремено, се чини дека Трамп не е подготвен да го отстрани Виткоф од позицијата.
Ова незадоволство се јавува во контекст на поширок проблем со пристапот на Вашингтон. Украинските власти велат дека гледаат малку нови идеи од американска страна и слаба подготвеност да се зголеми притисокот врз Русија, додека Кремљ сè почесто го обвинува Виткоф за „дипломатски“ неуспеси и за неговата неспособност да изврши притисок врз Украина да се откаже од териториите што Русија не успеала да ги освои по воен пат.
„Постојано ни велат: ’Морате да ја завршите оваа војна‘. Како да не сакаме, по ѓаволите, да ја завршиме“, изјави за „Киев Индипендент“ еден украински функционер вклучен во мировните преговори, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на темата.
Тоа незадоволство сега се прошири и надвор од Киев. Украинските функционери кои учествуваа во мировните преговори и се запознаени со размислувањата во Кремљ, велат дека руските претставници сè повеќе веруваат оти Виткоф одиграл улога во неуспехот на минатогодишниот самит на Алјаска и дека понекогаш му пренесува информации на Трамп на начин што не ја одразува точно намерата на Москва. Засега, тоа го остава мировниот процес во необична положба: преговарачот, кој стана извор на фрустрација во двете престолнини, останува личноста на која Трамп ѝ верува дека ќе го води процесот натаму.
Скептицизмот на Киев кон Виткоф датира уште од самиот почеток на неговото вклучување во преговорите.Украинските официјални лица долго време го доведуваат во прашање неговото разбирање на војната и неговиот пристап кон дипломатијата. Едно лице кое присуствувало на рунда трилатерални преговори изјави за „Киев Индипендент“ дека Виткоф понекогаш ги напуштал преговорите без да им каже на другите учесници каде оди.
„Тој е повеќе заинтересиран за ресторани и други работи“, рече тоа лице. „Навистина изгледа како човекот воопшто да не е заинтересиран. Може да ја напушти просторијата и да излезе на кратка прошетка.“
За украинските официјални лица, ваквите епизоди станаа дел од поголема загриженост: дека Виткоф не ги третира преговорите со сериозноста што ја бараат.
Неговиот однос со рускиот претседател Владимир Путин дополнително ја продлабочи таа загриженост. Виткоф се сретнал со Путин најмалку седум пати и постојано зборувал пофално за тие средби. За време на нивната последна средба на 5 септември, тој му рекол на Путин: „Откако ќе се пензионирам, со задоволство ќе се сеќавам на средбите со вас во Кремљ како на едни од најдобрите и најнезаборавните моменти во мојот живот.“
Украинските официјални лица ги гледаат таквите пофалби како премногу попустлив пристап кон рускиот претседател, кој е баран за воени злосторства. Тие сметаат дека е малку веројатно овој пристап да го убеди Путин да направи значајни отстапки.Но, проблемот, според нив, оди подалеку од личниот стил на Виткоф. Неговото разбирање на војната и нејзината историја, исто така, стана постојан извор на фрустрација.Тоа стана особено видливо во пролетта 2025 година, кратко откако Виткоф ја презеде одговорноста за мировниот процес. Во април, Виткоф ги опиша своите првични разговори со Путин како „впечатливи“ и изјави дека тие се фокусирале на можен мировен договор што би опфатил, како што тој ги нарече, „пет територии“.
„Овој мировен договор се однесува на тие таканаречени пет територии“, рече Виткоф. „Мислам дека можеби сме на прагот на нешто што би било од големо значење за целиот свет.“
За време на нивната средба на 11 април, Путин цртал на лист хартија кога Виткоф го прашал што црта. Путин му ја покажал страницата, на која стоела ознаката „3+2“ – што се однесувало на територијалните отстапки за кои двајцата разговарале. Виткоф го зел документот со себе назад во Вашингтон.
Петте територии за кои стануваше збор беа деловите од Доњецк, Луганск, Запорожје, Херсон и Крим окупирани од Русија. Подоцна, по лажните референдуми, Русија незаконски ги вклучи сите пет во својот устав.Овој случај стана симбол на она што украинските официјални лица го сметаа за подлабок проблем: Виткоф дискутираше за некои од најважните прашања поврзани со војната, а притоа не се чинеше дека целосно ги разбира територијалните прашања што беа во игра.За Киев, токму таквата неозбилност и недостатокот на разбирање за чувствителноста на прашањето претставуваат главни проблеми.
Во меѓувреме, и Кремљ почна да чувствува незадоволство од американскиот пратеник.Лица запознаени со информациите на украинското разузнавање изјавија дека руските официјални лица почнале да веруваат оти Виткоф делумно е одговорен за неуспехот да се постигне напредок на минатогодишниот самит меѓу Трамп и Путин на Алјаска.
Едно лице запознаено со украинското разузнавање и со текот на преговорите го опиша Виткоф како личност што Путин првично ја гледал како корисен канал за комуникација со администрацијата на Трамп. Според ова лице, рускиот претседател верувал дека Виткоф може да биде убеден да ги прифати или да му ги пренесе на Трамп предлозите на Москва.Тој однос стана посложен во неделите пред самитот на Алјаска.
Само една недела пред самитот, Виткоф се врати од средбата со Путин без стенограф. Тој се потпре на преведувачот на Кремљ, а не на преведувач од американската амбасада, со што го прекрши традиционалниот дипломатски протокол. По таа средба, Виткоф му кажал на Трамп дека Путин е подготвен да разговара за договор според кој Украина би се повлекла од делови на регионите Доњецк и Луганск, додека Русија би се повлекла од териториите што ги контролирала во делови на регионите Херсон и Запорожје, изјави еден американски функционер.Сепак, според изворот, рускиот претседател не бил подготвен да ги понуди тие отстапки. Виткоф погрешно ја разбрал позицијата на Путин „3+2“. Кога американските претставници ги информираа своите украински и европски колеги за она што го пренел Виткоф, реакцијата беше неверување. Во Киев веднаш сфатија дека дошло до недоразбирање меѓу нив двајца.
Несовпаѓањето стана невозможно да се игнорира кога Трамп ги објави плановите за самитот на Алјаска, а се покажа дека Путин не бил подготвен да ги направи територијалните отстапки што ги опишал Виткоф.Уште поважно, еден учесник во мировните преговори тврдеше дека Виткоф не му пренел на Трамп оти Путин сакал договорите постигнати на Алјаска да бидат формално документирани.Тоа го остави самитот без конкретна писмена рамка што би можела да послужи како основа за понатамошни преговори. Еден поранешен американски функционер кој присуствувал на средбата ја опиша за „Киев Индипендент“ како „целосен неуспех“, додавајќи дека руската делегација си заминала без воопшто да го допре ручекот.
Руските претставници подоцна она што произлегло од средбата го нарекоа „дух на Анкориџ“ или „договори од Алјаска“, додека американските претставници ја отфрлија идејата дека самитот резултирал со таков договор.
Епизодата на Алјаска не беше единствениот дипломатски неуспех што луѓето запознаени со процесот подоцна го поврзаа со Виткоф. Еден украински функционер запознаен со случајот, исто така, му ги припиша на специјалниот пратеник и подоцнежните проблеми во дипломатските односи меѓу САД и Русија, вклучително и пропаѓањето на меморандумот од 28 точки на кој заеднички работеа Виткоф и рускиот пратеник Кирил Дмитриев. Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, ги отфрли извештаите на „Киев Индипендент“ како „бесмислици и лажни вести“, бранејќи ја притоа улогата на Виткоф во мировните преговори.
„Претседателот Трамп и специјалниот пратеник Виткоф работат исклучително напорно за да стават крај на овој брутален конфликт, кој однесе стотици илјади животи“, рече таа.
„Специјалниот пратеник речиси секојдневно разговара со претставници од двете страни во војната за да најде пат кон мирот и сам ги покрива сите свои трошоци додека патува низ светот за да ги олесни преговорите. Тоа го вклучува и неговото неодамнешно патување во Киев, каде што учествуваше на средби со претседателот Зеленски и со главните преговарачи, како и патувањето во Абу Даби, каде што беше домаќин на историски трилатерални разговори со претставници и од Русија и од Украина.“
Дмитриев – богатиот шеф на рускиот државен инвестициски фонд, роден во Киев и школуван на Запад – во многу погледи е пандан на Виткоф во Москва. Како и Виткоф, Дмитриев – кој ја извршува функцијата „специјален претставник на претседателот“ на Путин – зазема позиција надвор од традиционалните структури на Кремљ за надворешна политика, позиција што му пречи на долгогодишниот руски министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
И како Виткоф, луѓето запознаени со преговорите сè повеќе го сметаат Дмитриев за некој што претерал со ветувањата, а недоволно ги исполнил. Дмитриев беше клучна фигура што се залагаше за самитот во Анкориџ и, како и Виткоф, неуспехот лошо се одразува врз него, изјави извор од украинското разузнавање за „Киев Индепендент“.
Дмитриев имаше историја на давање големи ветувања, но не и исполнување на толку многу, рече изворот, додавајќи дека секој неуспех ја ослабува позицијата на Дмитриев во Кремљ, а воедно ги зајакнува позициите на Министерството за надворешни работи на Лавров. Се смета дека неговата фракција е за мировен договор со Украина – договор кој е силно наклонет кон Москва – додека тврдокорните следбеници на Кремљ, како што се Лавров и директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија, Александар Бортников, веруваат дека воената победа над Украина е и можна и пожелна.
Сепак, многумина во украинската влада би биле среќни да го видат падот на Дмитриев, бидејќи дури и „помирливата“ фракција што ја претставува Дмитриев врши притисок за спогодба за војната што би вклучувала услови што би се сметале за катастрофални за Украина.
Семејните врски со Путин би можеле да објаснат зошто рускиот лидер продолжува да го толерира неговиот недостаток на успех. Сопругата на Дмитриев, Наталија Попова, се вели дека е блиска пријателка на ќерката на Путин, Катерина Тихонова, и служи како нејзин заменик во московската фондација „Инопрактика“.Дури и ако Дмитриев ја задржи својата позиција во Кремљ, бидејќи континуираните неуспеси го исцрпуваат неговото влијание и моќ, корисноста на Виткоф, како негов американски колега и клучен соговорник, продолжува да слабее.
„Кога Дмитриев ќе го снема- и Виткоф ќе го снема“, изјави едно лице запознаено со мировните преговори за „Киев Индепендент“.
„Засега, оваа фракција на Дмитриев се надева дека Виткоф ќе им го испорача она што (Русија) го сака“.
Овие неуспеси и обидите да се тргне Виткоф настрана сè повеќе поставуваат прашање на кое ниту Киев ниту Москва не можат да одговорат: ако сегашниот преговарачки канал произвел толку малку, кој треба да ги замени? Москва јавно сигнализираше дека е отворена за одржување на повеќе канали на комуникација со Вашингтон. По последната посета на пратениците, помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека работата ќе продолжи преку каналот на Виткоф „како и преку други дипломатски канали“.
Постоеја шпекулации дека администрацијата на Трамп би можела да се обрати на друг висок функционер за да преземе поголема улога во преговорите. Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, отпатува во Москва кон крајот на август, каде што разговараше за Украина, меѓу другите прашања, и со високи руски безбедносни претставници. Таа посета ги поттикна шпекулациите дека Ратклиф на крајот би можел да преземе позначајна улога во мировниот процес.Фајненшл тајмс објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека Трамп размислува да му даде на Ратклиф поширока дипломатска улога во преговорите за мировен договор меѓу Русија и Украина. Белата куќа го отфрли тој извештај, нарекувајќи го „тотално лажна вест“.
Лице запознаено со ова прашање, исто така, изјави за Киев Индепендент дека таков договор е малку веројатен. Изворот рече дека Москва го смета Ратклиф за премногу поддржувач на Украина за да послужи како прифатлива замена за Виткоф. Засега, дипломатскиот пат останува во голема мера таму каде што беше.
Киев сака Вашингтон да изврши поголем притисок врз Москва, или барем да помогне во спречувањето на плановите на Путин за замрзнување на Украина во претстојната зима. Москва сè повеќе се прашува дали Виткоф точно ги претставува своите ставови пред Трамп.
И луѓе блиски до американскиот претседател велат дека Трамп сè уште не сака да го отстрани долгогодишниот пријател од процесот што сè уште сака да го контролира.Тоа го остава Виткоф на место – дури и кога довербата во неговата улога се чини дека еродира од двете страни на преговарачката маса.