Помалку мигранти стигнуваат во Европа по море, но расте бројот загинати
Агенцијата за миграции на Обединетите нации денеска предупреди дека годинава значително помалку мигранти пристигнуваат во Европа по морски пат, но истовремено предупредува дека бројот на смртни случаи е зголемен бидејќи се користат сè поопасни рути.
Според податоците на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), од почетокот на годината до 15 септември во Европа по морски пат пристигнале нешто помалку од 60 илјади мигранти, што е за 40 проценти помалку во однос на истиот период минатата година.
Сепак, речиси 2.300 луѓе загинале или се водат како исчезнати при обидите да го преминат Средоземното Море или Атлантскиот Океан. Во истиот период минатата година животот го загубиле помалку од две илјади мигранти.
Најголем пад е забележан на рутата преку централниот дел на Средоземното Море кон Италија, каде што бројот на пристигнувања е намален од повеќе од 48 илјади минатата на околу 21 илјада оваа година. И покрај тоа, од почетокот на годината на таамигрантска рута загинале 996 луѓе, што е за 152 повеќе од истиот период минатата година.
Бројот пристигнувања во Грција е намален за околу пет илјади, додека бројот на смртни случаи е зголемен за 47 проценти.
Бројот загинати на мигрантските рути кон Шпанија, исто така, останува висок и покрај вкупниот пад на бројот на пристигнувања. Само за време на кризата на границата кај Сеута на 30 и 31 јули, најмалку 97 луѓе ги загубиле животите, соопшти ИОМ.