Стејт департментот одобри потенцијална продажба на 48 авиони Ф-35 на Саудиска Арабија за 24,3 милијарди долари
Вашингтон – Стејт департментот објави дека ја одобрил потенцијалната продажба на борбени авиони Ф-35 „Лајтнинг II“ од компанијата „Локид Мартин“ на Саудиска Арабија, во вредност од 24,3 милијарди долари.
Продажбата што допрва треба да биде одобрена од американскиот Конгрес, предвидува 48 авиони-ловци и 49 мотори на компанијата „Прат енд Витни“, како и резервни делови и друга комуникациска и придружна опрема, соопшти Стејт департментот.
Зделката би претставувала значителна промена во американската политика, со потенцијал да ја промени рамнотежата на воените сили на Блискиот Исток и да ја стави на тест дефиницијата на Вашингтон за одржување на „квалитативната воена предност“ на својот сојузник Израел.
Сепак, администрацијата соопшти дека продажбата на борбените авиони „нема да ја промени воената рамнотежа во регионот“, во согласност со долгогодишната американска политика според која Израел мора да има воена предност пред потенцијалните регионални противници.
Амбасадата на Саудиска Арабија во Вашингтон ја поздрави предложената продажба, опишувајќи ја како уште еден чекор во одбранбената соработка меѓу двете земји.