Милев стави крај на кариерата: Имам достојна замена во младите одбојкари


Долгогодишниот македонски репрезентативец Владо Милев стави крај на одбојкарската кариера во која последен пат настапи во националниот дрес во вчерашната победа над Израел од 3-0 на Европското првенство во Софија.

„Премногу ѝ дадов и јас на одбојката, но и таа мене. Чувствувам дека е време за крај и телото ми го кажува тоа. Среќен сум што заминувам со победа со националниот тим, со среќен крај. Натпреварите на ЕвроВолеј покажаа дека имам достојна замена и време е да се повлечам и да оставам помладите да преземат“, изјави Милев.

На клупски план, 39-годишниот Милев ја почна кариерата во матичниот клуб Струмица по што повеќе од две децении настапуваше во лигите во Чешка, Белгија, Грција, Австрија, Романија, Кипар, Црна Гора, за да заврши во Унгарија, во мај годинава.

Милев останува поврзан со македонската одбојка како член на Извршниот одбор на Одбојкарската федерација.