Англија бара Инфантино да ја објави документацијата за спорниот проект


Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да ја објави целата документација поврзана со планот за продажба на акции во комерцијалните права на Светското првенство, побара денеска првиот човек на Фудбалската федерација на Англија, Деби Хјуит.

Таа, како што објавија денеска британските медиуми, побара документацијата да биде достапна пред следниот состанок на Советот на ФИФА, закажан за 15 октомври, како и независна ревизија за начинот на кој бил дизајниран проектот „Fifa Forward Enterprise“ (FFE), кој учествувал во неговото создавање и како приватна инвестиција е понудена на тендер.

Планот на FFE вклучуваше основање нова компанија која ќе управува со комерцијалните права и правата за билети за сите натпреварувања на ФИФА, вклучително и Светското првенство, со продажба на 21 процент од акциите на приватна инвестициска компанија.

Планот беше повлечен по жестоки на реакции на голем дел од фудбалскиот свет.

УЕФА минатиот месец започна подготовки за преземање правни мерки против Инфантино во американските судови во врска со планот на FFE, а исто така побара и објавување на документите.

Во март, Инфантино ќе се кандидира на четврти мандат на чело на ФИФА, а неговите противници имаат рок до 18 ноември да предложат алтернативен кандидат.