Уставните измени да имаат одложено дејство, предлага Мицкоски


 

Македонската влада има предлог уставните измени за внесување на Бугарите да се направат веднаш, но да имаат одложено дејство и да стапат во сила кога ќе завршат преговорите и кога парламентите на членките на ЕУ ќе го ратификуваат пристапниот протокол. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Атлантскиот совет во Вашингтон.

„Ова е гаранција дека нема да има дополнителни пречки и дека ова е последното“, рече премиерот Мицкоски.

Договорот што претходната влада го прифати и го усвоија сите земји на ЕУ за Мицкоски не е прашање на дневна политика.

„Ова е нешто што го отвора патот во иднината за мојата земја. Јас не сум таков тип политичар кој би сакал да влезе во авантура без предвидлив и догледен крај на таа авантура. Ние не сме нервозни. Ја движиме нашата економија: растот на БДП за вториот квартал беше 4,3 отсто сме меѓу првите три земји со најдобар резултат во Европа. Се обидуваме да се развиваме и можеби некој навистина ќе зборува за пристап заснован на заслуги и овој процес на малтретирање врз мојата земја ќе престане. Дотогаш ќе работиме да ја развиваме земјата и ќе продолжиме да бараме решение“, рече тој.

Нашиот случај, нагласи тој, не е ни блиску до претходната институционална меморија на претходните земји кои станаа членки на ЕУ, затоа што го започнавме процесот дури и пред Хрватска, со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација пред повеќе од 25 години.

„Заедно со нив станавме земји кандидати. Заедно со нив го добивме првиот позитивен извештај од Европската комисија за почеток на преговорите. За жал, оттогаш не можеме да започнеме поради некои вештачки причини. Треба да работиме заедно со ЕУ“, нагласи македонскиот премиер. Според него, Македонија е на истото место каде била пред 26 години.

Во врска со пораките на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да се спроведе договореното во 2022 година со 27-те земји членки на ЕУ и дека нема план Б за Македонија Мицкоски рече дека претходната влада поради неуспехот да испорача резултати дома се согласила на сѐ само да остане на власт.