Странци ловат диви животни и пијат крв од дива коза во Маврово, алармира „Еко свест“
Странци ловат диви животни и пијат крв од дива коза на македонски планини. Видеото, за кое денеска алармираа од граѓанската организација „Еко свест“, трае речиси половина час и е објавено во октомври минатата година. На него се гледа дека ловците ги придружува и возило со ознаки на Националниот парк „Маврово“, кој е единствениот во земјава што се уште не е репрогласен со закон, ниту пак има План за управување. Екологистите денеска апелираа Владата и Министерството за животна средина итно да ја финишираат постапката за репрогласување на паркот, а во меѓувреме да воведат мораториум за секакви активности. Тие потсетија дека Бернската конвенција побара земјава да се откаже и од изградба на мали хидроцентрали во рамките на Маврово, но и покрај тоа институциите не ја раскинаа концесијата за Рибничка, туку напротив, постапката продолжува да тече.
„Дваесет граѓански организации упатија писмо до Владата и до Министерството за итно продолжување на постапката за репрогласување на НП Маврово, но досега немаме никаков одговор. Пред две години е подготвена нова Студија за ревалоризација, која го утврди зонирањето и беше прифатена и потврдена од експерти, локалните власти, населението, но бидејќи не ја прифаќа сегашната управа на паркот, процесот е закочен. Бараме да продолжи административната процедура, да се усвои Студијата и нацрт законот да се стави на јавни консултации и конечно паркот да добие правна заштита. Бараме дотогаш да се прогласи мораториум за активности кои не се во согласност со заштитата на природата“, вели Ана Чоловиќ -Лешоска од Еко Свест.
Според законот за природа донесен во 2004 година, сите заштитени подрачја требало да се репрогласат во периодот до 2010 година. Првата Студија за ревалоризација на Маврово е изработена од 2011 до 2013 година, а закон за репрогласување е подготвен во 2015 година. Сепак, како што посочуваат од организацијата, иако текстот на законот излегол на ЕНЕР, никогаш не бил донесен бидејќи бил повлечен од Владата без образложение. Од таму предупредуваат дека изминуваат и двете години од важноста и на новата Студија која се изработи, за која финансии беа обезбедени и од државниот буџет.
„Паркот се наоѓа во правен вакуум, нема закон, ниту пак План за управување или Програма за шумски живеалишта, што се основните документи за нормално функционирање на паркот и без кои не смеат да се вршат активности како на пример сеча на дрва. Овие документи ги одобрува Министерството за животна средина со што треба да се озбезбеди ефикасна заштита на природата и биодиверзитетот“, вели Марко Гучевски од Еко свест.
Екологистите посочуваат дека активностите како ловење во национален парк се забранети, бидејќи тука живеат повеќе заштитени видови, меѓу кои и балканскиот рис, кој со педесетина единки спаѓа меѓу најзагрозените животни пред истребување.
Со новата Студија за ревалоризација се предвидуваше повеќе од половина од површината на Националниот парк „Маврово“ да биде зона на строга заштита и активно управување, а остатокот зона на одржливо користење и тампон зона. Тоа е зголемување за над 20 отсто на најстрого заштитените делови на паркот, во споредба со истиот документ што беше изработен во 2012 година. Студијата, која беше завршена во декември 2023 година, утврдува и нови надворешни граници на националниот парк, со кои неговата површина се зголемува за над 1.000 хектари.
Научните истражувања кои беа спроведени за потребите на Студијата во текот на 2023 година потврдиле присуство на 14 единки на балканскиот рис, 130 мечки, стабилна популација на волци, како и една од најголемите популации на пеперутката бакарец, загрозен вид кој се наоѓа на црвените листи под строга заштита. Во националниот парк во изминативе десетина години се зголемила и површината под шуми од 30.600 на 36.200 хектари, како и количината на дрвна резерва. Тука се наоѓа и најголемата природна популација на див костен со голем број на столетни дрвја.