2025 година меѓу најсушните во светот во последните неколку децении


Женева – За реките ширум светот, минатата 2025 година беше една од најсушните во последните неколку децении, соопшти денеска Светската метеоролошка организација (СМО), предупредувајќи дека тоа укажува на намалување на резервите на вода на површината на Земјата и предизвикува загриженост за идното снабдување со вода. 

Копнените резерви на вода, вклучително и подземните води, езерата, вегетацијата, мразот и снегот, се намалуваат веќе една деценија, се наведува во извештајот на СМО за состојбата со глобалните водни ресурси.

Агенцијата на Обединетите нации предупреди на „сериозни идни последици“ од овој тренд, бидејќи тие резерви служат како своевиден заштитен резервоар за планетата во исклучително сушни години, каква што беше 2025 година.

„Сега трошиме од заштедите. Глобалните копнени резерви на вода покажуваат надолен тренд уште од периодот 2014-2016 година. Станува збор за постојан сигнал што трае веќе една деценија“, изјави генералната секретарка на СМО, Селест Сауло, во соопштението објавено со извештајот.

Податоците на СМО покажуваат дека проток на вода под нормалното ниво е забележан во повеќе од третина од речните сливови во светот, што ја прави 2025 година една од најсушните за реките на глобално ниво откако се собираат податоци, односно во последните 35 години.

Сепак, во некои речни сливови, на пример во делови од Јужна Азија, е забележан вишок вода, што укажува на сè понестабилни и понепредвидливи водни циклуси, се наведува во извештајот.

Во 2025 година е забележано и широко распространето топење и губење на глечерите во сите региони, што е четврта последователна година со таков тренд. Во извештајот се наведува дека тоа ќе доведе до долгорочна несигурност во снабдувањето со вода.