Руски балистички напади врз Киев, Украина со дронови нападна цели на руска територија


 Русија по неколкудневна пауза повторно изврши напади со балистички ракети врз Украина, при што рано утрово беше погоден и главниот град Киев, додека Украина со беспилотни летала напаѓаше цели во Русија.

Според воени информации објавени преку „Телеграм“, кон Киев биле истрелани околу шест пренаменети противбродски ракети „Циркон“, а дописниците на светските агенции јавуваат за силни детонации во градот.

Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека се предизвикани штети врз деловни објекти, магацин и станбена зграда… Најмалку 11 лица се повредени, напиша Кличко на „Телеграм“.

Медиумите јавуваат и за прекин на водоснабдувањето во одделни населби на источниот брег на реката Дњепар. Според украинските воздухопловни сили, со балистички ракети биле нападнати и градовите Дњепар и Запорожје на југот на Украина.

Во исто време, Украина со борбени беспилотни летала напаѓала цели во Русија, според извештаи објавени на каналите на „Телеграм“.

Меѓу целите биле градот Ростов на југот на Русија и Јарослављ, североисточно од Москва. Неколку руски аеродроми привремено го ограничиле работењето, соопшти Руската агенција за воздушен сообраќај „Росавијација“.