Лига на шампиони; Ракометарите на Вардар 1961 во драматичен натпревар поразени од Нант
Ракометарите на Вардар 1961 го претрпеа вториот пораз во Лигата на шампиони, откако вечерва загубија на домашен терен од Нант со 33-32 во рамки на 2. Коло во групата Б.
Ракометната Лига на шампиони по двегодишна пауза се врати во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје и донесе драматичен натпревар во кој победникот беше одлучен во завршните 60 секунди.
Резултатот гласеше 32-32 кога Вардар имаше напад за водство, но откако Малус биеше непрецизно, Нант на спротивната страна поведе од пенал со 33-32. До крајот на натпреварот преостанаа уште десетина секунди, доволно за македонскиот првак да го организира последниот напад во кој францускиот голман повторно го скроти ударот на Малус и му донесе среќна победа на Нант.
Вардар во еуфорична атмосфера одлично го отвори натпреварот и во 3. минута имаше водство од 3-0, но францускиот тим во продолжението ги консолидираше редовите и на средина од првиот дел дојде до највисоко водство од 12-8.
Стратегот на Вардар, Иван Чупиќ, реагираше со тајмаут по што македонскиот првак се врати во ритам и намали на гол негатива до полувремето (16-15).
На средина од второто полувреме, Нант имаше водство од 26-24 и напад за +3, но Вардар се одбрани и влезе во серија од 5-1 за повторно да дојде во водство од 29-27.
Нант одговори со два гола во серија и на една минута до крајот резултатот повторно беше израмнет 32-32.
До крајот на натпреварот, Вардар не искористи два напади во кои францускиот голман Бонде ги скроти ударите на Малус, а на спротивната страна Леополд беше прецизен од седум метри за конечна победа на Нант.
Абделах со 10 и Малус со шест голови беа најефикасни во редовите на Вардар, кој во рамки на третото коло во групата Б ќе ја пречека полска Висла на 8 октомври.