ЕУ ќе им ги скрати крилјата на техно-царевите: Децата до 13 години нема да имаат пристап до социјалните мрежи


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека ЕУ ќе воведе забрана  за користење на социјалните мрежи за деца под 13-годишна возраст и воведување „мини-сметки“ само за оние на возраст од 13 до 15 години, кои ќе бидат под родителски надзор и ќе имаат ограничени функции.

„Демократијата подразбира да им се даде на луѓето моќ да го изберат општеството во кое сакаат да живеат. Денес, голем дел од таа моќ им е одземена на родителите. Младите Европејци сега поминуваат од четири до шест часа дневно пред екраните. Децата сè повеќе се вовлекуваат во дигитални содржини дизајнирани да ги држат постојано да скролаат. Она на што сведочиме е еден вид заробување на нашите деца. Заробување на нивното внимание, нивниот фокус, нивните умови. Ова им го одзема детството на децата.

На нашите деца им е потребно време за да се изградат како личности. Да растат заедно со другите. Да се ​​соочат со сите емоции и избори што ги носи реалниот живот. Им треба време дури и да им биде здодевно. Бидејќи токму тогаш мораат да ја користат својата имагинација. Тогаш кога треба да разговараат, да се согласуваат, да не се согласуваат, да формираат мислење, да го променат мислењето.Но, кога детето има паметен телефон, сето тоа му се одзема.

Дење и ноќе, родителите ја гледаат цената: губење сон, анксиозност, па дури и самоповредување. А во сè поголем број случаи, и фатални трагедии. Како онаа на Олеа, 14-годишно девојче што живееше во Белгија. Олеа си го одзеде животот пред точно еден месец – како жртва на онлајн-малтретирање. Приказната е толку трагична и полна со тага, што не бев сигурна дали да ја вклучам.Но, мајката на Олеа зборуваше толку трогателно за својата ќерка. И толку страсно за тоа да се спречи ова да им се случи на другите.Сакам да им оддадам должно признание на нејзините зборови:

„Убедена сум дека без овие сеприсутни мрежи, ќерка ми сè уште ќе беше тука. Ова е премногу“, ја објасни Лајен потребата од ваквата забрана.