Савески се уште анализира дали да отвори предмет за прославата на независноста
Државниот јавен обвинител Ненад Савески во врска со финансирањето на прославата за 35-годишнината од независноста, денеска изјави дека Јавното обвинителство ја анализира секоја ситуација од кривично-правен аспект и доколку се утврдат основи, ќе постапи.
– Слушнав дека Антикорупциската комисија има отворен предмет, но нивната постапка не е врзана со нашата. Секако, секоја ситуација, вклучително и оваа, обвинителството ја анализира и доколку најде основи, ќе постапи – додаде Савески.
Опозицијата четврти ден бара ОЈО да отвори предмет за начинот на кој беше финансирана прославата на 35 години независност на Македонија. Досега предмет отвори Антикорупциската комисија, само за евентуален судир на интереси на Николче Мицевски, член на комисијата што го избра предлогот на фирмата „Стардаст“, а потоа се јави како директен учесник во програмата во рамките на концертот на Хозе Карерас, како автор на оркестрациите.