Државните ревизори го потврдуваат обвинението за Борче Марковски и немонтираните погонски станици во РЕК „Битола“
БИТОЛА – Наводите на Државниот завод за ревизија за работењето на АД ЕСМ ги потврдуваат наводите на Основното јавно обвинителство Битола за судскиот процес со дислокација на погонските станици од Рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници РЕК „Битола“.
Во овој судски процес кој опфаќа дејствија од 2023 и 2024 година му се суди на бизнисменот Борче Марковски и на неговата форма „Марковски Компани Борче“, на екс директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски, на уште четворица вработени во РЕК „Битола“ кои тогаш биле на раководни функции како и на двајца вработени во фирмата на „Марковски Компани Борче“.
Во вчерашниот извештај на Државниот завод за ревизија е опфатен и делот за погонските станици, а наводите на ревизорите и ОЈО Битола се поклопуваат во утврдените состојби дека условите на тендерот биле предимензионирани и ограничувачки за конкуренцијата, како и дека иако на избраниот економски оператор му била платена целата договорена сума како да е целосно извршена работата, погонските станици не биле монтирани целосно и не биле ставени во употреба.
Како што се наведува во обвинението на ОЈО Битола, согласно потпишаната документација од страна на овластени лица од РЕК „Битола“ и „Марковски компани“ што била искористена за исплата, погонските станици биле прикажани како целосно монтирани, и согласно утврденото од ДЗР, во книговодствената евиденција на РЕК „Битола“ погонските станици се воделе како материјални средства во подготовка, со што и ревизорите отвараат сомнеж дали набавката и дислокацијата биле потребни и за наменското трошење на државните средства.
ДЗР пишува дека не е направена монтажа на станиците во РЕК „Битола“, па ревизорите наведуваат кои состојби ги утврдиле.
„Барањата за техничката и професионалната способност во тендерската документација претставуваат обемни листи кои се однесуваат на опрема од различен вид и човечки ресурси со различни квалификации. При тоа не е изготвена анализа за начинот како е утврден бројот, видот и карактеристиките на потребната техничка опременост и кадровската екипираност и дали истата е сразмерна со предметот на набавките, неговата сложеност и вредност, што не е во согласност со Законот за јавни набавки и иако за услугата паричните средства се целосно исплатени, врз основа на потпишани записник и извештаи за завршена работа, со теренската проверка утврдивме дека услугата реално не е целосно извршена, односно не е направена монтажа на погонските станици“,констатираат државните ревозири.
Ревизорите ја отвораат дилемата за потребата од дислокација на погонските станици и за оправданоста на инвестицијата. И во обвинението на ОЈО Битола се наведува и дека согласно важечкиот рударски проект таа технологија на ископ на јаглен со погонски станици не била воопшто предвидена како применлива за рудникот „Живојно“, што се поклопува со прашањето на ДЗР дали оваа набавка воопшто била потребна.
За споредба во обвинението на ОЈО Битола стои –„Од РЕК ‘Битола’ биле донесени шест погонски станици од РЕК ‘Осломеј’ истите биле поставени на шест локации во двата рудници за јаглен (Брод Гнеотино и Суводол) каде воопшто немало никакви активности за ископ на јаглен и транспорт на ископаниот јаглен, а донесената механичка и електроопрема била одложена (расфрлена) во кругот на РЕК ‘Битола’ без истата да биде монтирана на челичните конструкции од погонските станици спротивно на наведеното во записниците за извршена работа и во извештаите на завршени работи каде изрично стоело дека таквата опрема била монтирана“,по ова ОЈО Битола додава –„оштеното правно лице РЕК ‘Битола’ било доведено во заблуда дека обврските од договорот се целосно завршени.“
Судскиот процес против бизнисменот Марковски и останатите обвинети за погонските станици, сега се води во Основниот суд во Струга откако во април годинава сите 11 судии од Основниот суд во Битола беа изземени од предметот за злоупотреба со јавните набавки во РЕК „Битола“ и „Марковски компани“. (А.Б.)