Врховен појасни: Пресудата за Јакимовски е укината оти не се утврдило дали се работи за монтажен објект или тврда градба


Фото: Б. Грданоски

Врховниот суд утврдил дека пониските судови не го разјасниле клучно прашање за обвинението против Стевчо Јакимовски за бесправно градење – каков објект всушност бил изграден во Карпош и дали за него воопшто било потребно одобрение за градба.

Во пресудите било наведено дека објектот бил изграден без дозвола и затоа претставува бесправна градба, но, според Врховниот суд, не било доволно јасно утврдено за каков тип објект станува збор.

Највисокиот суд посочува дека треба да се утврди дали станувало збор за траен објект, за кој е потребна градежна дозвола, или за монтажен, односно времен објект, за кој важат поинакви правила. Ова е важно затоа што од видот и правниот статус на објектот зависи дали воопшто се исполнети законските услови за кривичното дело „бесправно градење“.

Врховниот суд забележал и дека образложението на пониските судови е контрадикторно и не ја отсликува доволно реалната состојба. Иако тие утврдиле дека Општина Карпош немала годишна програма за поставување времени објекти, според Врховниот суд и ова прашање требало да се разгледа во контекст на останатите законски одредби.

Затоа, првостепениот суд при повторното судење ќе мора да го утврди точниот тип на објектот, неговите градежно-технички карактеристики, материјалите од кои бил изграден и неговата намена, а потоа да утврди дали за него било потребно одобрение за градба или одобрение за поставување времен објект. Врховниот суд оценил дека не биле со сигурност утврдени сите битни елементи на кривичното дело за кое Јакимовски бил осуден и затоа ги укинува пресудите на Основниот кривичен суд и на Апелација и предметот го враќа на повторно постапување.