Хеликоптер со телевизиска екипа се урна во предградие на Лос Анџелес, тројца мртви


Лос Анџелес – Три лица загинаа, а едно е повредено во несреќа кога хеликоптер се урна во областа Четсворт во Лос Анџелес, соопшти противпожарната служба на Лос Анџелес на социјалните мрежи.

На местото на несреќата биле пронајдени четири лица, од кои три биле мртви додека четвртото било пренесено во локална болница, при што неговата состојба не е позната.

Истрагата за несреќата ќе ја спроведат Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB) и Федералната управа за воздухопловство (FAA).

Хеликоптерот паднал во истата област каде претходно се судриле автобус на јавниот превоз во Лос Анџелес и патничко возило, при што загинале најмалку две лица.

Според извештаи на повеќе медиуми, паднатиот хеликоптер припаѓал на телевизиска куќа, бидејќи во областа имало повеќе хеликоптери со телевизиски екипи што известувале за сообраќајната несреќа.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека е длабоко потресена од загубата на човечки животи во падот на хеликоптерот и судирот на автобусот во Четсворт и им се заблагодари на итните служби за брзата интервенција.