Нова кривична пријава за Рамиз Мерко кривична заработи и новиот градоначалник на Струга, Ќура


Поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко доби уште една кривична пријава за несовесно работење во службата.

Според информациите што ги објави Министерството за внатрешни работи, Мерко заедно со двајца вработени во Општината незаконски и врз основа на некомплетна документација издале одобрение за градба.

Покрај Мерко, кривичната пријава е поднесена и против А.Б.(40) и Н.Р.(57) од струшкото село Поум.

Мерко за време на мандатот ја искористил својата службена положба и овластување и спротивно на Законот за градење, потпишал одобрение за градење на катастарска парцела во струшкото село Мислешево.

Второ и третопријавениот, од позиција на советник во Секторот за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животна средина и помошник раководител на истиот сектор, претходно незаконски го изготвиле одобрението и врз основа на некомплетна документација, без приложен идеен проект, одобрението било издадено спротивно на Законот за градење.

 

Градоначалникот на Струга, Ќура доби кривична пријава – незаконски разрешил директор на основно училиште

ОВР Струга поднесе кривична пријава против М.Ќ.(66) од струшкото село Биџево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.

Од МВР информираат дека тој, во својство на градоначалник на општина Струга, спротивно на одредбите од Законот за основно образование, донел одлука и незаконски разрешил директор на едно основно општинско училиште, по што назначил друго лице за в.д. директор.

„Тоа го направил иако знаел дека ново назначеното лице нецелосно ги исполнува условите пропишани во член 118 од Законот за основно образование“, наведуваат оттаму.

Неправилностите биле утврдени и од инспекцискиот надзор, извршен од Државниот просветен инспекторат.