14 септември во историјата – Наполеон влезе во Москва


 

Една недела откако ја доби крвавата победа над руската армија во Битката кај Бородино, „Големата армија“ (Grande Armée) на Наполеон Бонапарта влезе во Москва, но таму затекна евакуирано население и руска војска што повторно се беше повлекла. Москва беше целта на инвазијата, но во напуштениот град немаше царски претставници кои би побарале мир, ниту пак големи залихи на храна или опрема со кои би се наградиле француските војници за нивниот долг марш.

Потоа, веднаш по полноќ, низ градот избувнаа пожари – очигледно подметнати од руски патриоти – оставајќи ја огромната армија на Наполеон без средства за преживување во претстојната руска зима.

Во 1812 година, францускиот император Наполеон Први сè уште беше на врвот на својата моќ. Војната на Пиринејскиот Полуостров против Британија претставуваше трн во окото на неговата голема европска империја, но тој беше уверен дека неговите генерали наскоро ќе извојуваат победа во Шпанија. Сè што недостасуваше за да се заокружи неговиот „Континентален систем“ – едностран европски блокаден режим осмислен за економска изолација на Британија и нејзино принудно потчинување – беше соработката од страна на Русија. По претходниот конфликт, Наполеон и Александар Први одржуваа кревок мир, но рускиот цар не сакаше да се приклучи кон Континенталниот систем, бидејќи тој беше погубен за руската економија. За да го заплаши Александар, Наполеон ги концентрираше своите сили во Полска во пролетта 1812 година, но царот сепак не попушти.

На 24 јуни, Наполеон ја упати својата Grande Armée – најголемата европска воена сила собрана дотогаш – кон Русија. Оваа огромна војска броеше повеќе од 500.000 војници и придружен персонал, вклучувајќи контингенти од Прусија, Австрија и други земји под власта на Француската империја. Воените успеси на Наполеон се должеа на неговата способност брзо да ги придвижува своите трупи и да изведува ненадејни напади, но во почетните месеци од инвазијата на Русија, тој беше принуден да се задоволи со тоа што руската армија постојано се повлекуваше. Руските сили во повлекување ја применуваа стратегијата на „спржена земја“, запленувајќи ги или уништувајќи ги со оган сите залихи што Французите би можеле да ги ограбат од околните предели. Во меѓувреме, линиите за снабдување на Наполеон станаа премногу растегнати додека тој навлегуваше сè подлабоко во руските пространства.

Многумина во царската влада го критикуваа одбивањето на руската армија да стапи во директен судир со Наполеон. Под притисок на јавноста, Александар во август го назначи генералот Михаил Кутузов за врховен командант, но овој ветеран од претходните порази во битките против Наполеон продолжи со повлекувањето. Конечно, Кутузов се согласи да застане кај градот Бородино, на околу 100 километри западно од Москва, и да се соочи со Французите. Русите изградија утврдувања, а на 7 септември Големата армија започна напад. Тој ден Наполеон покажа невообичаена претпазливост; не се обиде да ги заобиколи Русите и одби да испрати прекупотребни засилувања во борбата. Резултатот беше крвава и тешко извојувана победа, проследена со ново повлекување на руската армија.

Иако загрижен поради текот на походот, Наполеон бил уверен дека штом Москва ќе биде заземена, Александар ќе биде принуден да капитулира. На 14 септември, Французите влегле во напуштената Москва. Од 275.000 жители на градот, останале само неколку илјади. Наполеон се повлекол во една куќа на периферијата на градот за да преноќи, но два часа по полноќ бил известен дека во градот избувнал пожар. Тој заминал во Кремљ, од каде што гледал како пламенот сè повеќе се шири. Почнале да пристигнуваат необични извештаи дека Русите самите ги подметнувале пожарите и го разгорувале огнот. Одеднаш избувнал пожар и во самиот Кремљ, наводно подметнат од еден руски воен полицаец, кој веднаш бил погубен. Додека огнената стихија се ширела, Наполеон и неговата придружба биле принудени да бегаат низ улиците зафатени од пламен кон периферијата на Москва, при што за влакно избегнале задушување. Кога по три дена пожарот стивнал, повеќе од две третини од градот биле уништени.

По катастрофата, Наполеон сè уште се надеваше дека Александар ќе побара мир. Во писмото до царот тој напиша: „Господине и брате. Прекрасната, волшебна Москва повеќе не постои. Како можевте да дозволите уништување на најубавиот град во светот, град што се градел со векови?“ Пожарот наводно бил подметнат по наредба на московскиот генерален гувернер Фјодор Ростопчин, иако тој подоцна го негираше тоа обвинение. Александар изјави дека горењето на Москва му ја „осветлило душата“ и одби да преговара со Наполеон.

Откако еден месец чекаше на предавање што никогаш не се случи, Наполеон беше принуден да ја изведе својата изгладнета војска од разурнатиот град. Одеднаш се појави војската на Кутузов и на 19 октомври дојде до судир кај Малојарославец. Големата армија, која веќе се распаѓаше, беше принудена да се откаже од плодниот јужен правец по кој се надеваше дека ќе се повлече и да се врати по опустошениот пат по кој претходно напредуваше. За време на катастрофалното повлекување, војската на Наполеон беше постојано напаѓана од немилосрдната руска војска. Прогонувана од глад, температури под нулата и смртоносните копја на Козаците, десеткуваната војска стигна до реката Березина кон крајот на ноември, во близина на границата со Литванија, која беше под француска окупација. Сепак, мразот на реката неочекувано се беше стопил, а Русите ги имаа уништено мостовите кај Борисов.

Инженерите на Наполеон успеаја да изградат два импровизирани моста кај Студјанка, а на 26 ноември главнината на неговата војска почна да ја преминува реката. На 29 ноември, Русите извршија притисок од исток, па Французите беа принудени да ги запалат мостовите, оставајќи околу 10.000 заостанати војници на спротивната страна. По тој момент, Русите главно се откажаа од потерата, но илјадници француски војници и понатаму умираа од глад, исцрпеност и студ. Во декември, Наполеон ја напушти преостанатата војска и брзо се упати кон Париз, каде што се ширеа гласини дека тој загинал и дека еден генерал предводел неуспешен државен удар. Тој патуваше инкогнито низ Европа со неколкумина соработници и пристигна во престолнината на својата империја на 18 декември. Шест дена подоцна, Големата армија конечно ја напушти Русија, претрпувајќи загуба од над 400.000 луѓе за време на катастрофалната инвазија.

Охрабрена од неговиот катастрофален неуспех во Русија, сојузничката војска се крена против Наполеон во 1814 година и го порази. Откако беше протеран на островот Елба, тој побегна во Франција на почетокот на 1815 година и собра нова војска, која постигна краткотраен успех пред да доживее катастрофален пораз кај Ватерло во јуни 1815 година. Потоа, Наполеон беше протеран на оддалечениот остров Света Елена, каде што почина шест години подоцна.