Европскиот мајстор за манипулација, кој ужива внимание од Путин, Си и Трамп, се соочува со момент на вистината
Александар Вучиќ од Србија се покажа како мајстор во геополитичкото балансирање. Малкумина лидери можат да се пофалат со „челично пријателство“ со кинескиот лидер Си Џинпинг и истовремено да добиваат поддржувачки ретвитови од Доналд Трамп, кој е загрижен за влијанието на Пекинг. Уште помалку се оние што се пречекани толку срдечно од Владимир Путин во Москва, колку што се пречекани од Урсула фон дер Лајен во Брисел.
Високиот претседател на Србија доминира на политичката сцена во својата земја повеќе од 14 години, но сега овој авторитарен лидер се соочува со својот најсериозен предизвик досега, откако најави предвремени избори што ќе имаат последици и надвор од границите на оваа нација од 6,5 милиони жители. Вториот и последен претседателски мандат на Вучиќ завршува во мај. Тој сега има намера да се кандидира за премиер за втор мандат на изборите во октомври.
„Изразот ’балансирање‘ ќе биде главното наследство од владеењето на Вучиќ“, изјави за „Телеграф“ д-р Хелена Иванов, соработник-истражувач во организацијата „Хенри Џексон Сосајети“ .
„На ист начин на кој балансира на меѓународната сцена, тој балансира и на домашната. Тој ја усоврши таа игра. Но, секој што го критикува во Србија се прашува: Дали имавме некаква корист од ова?“
Победата ќе му овозможи на 56-годишниот политичар да ги заобиколи ограничувањата за бројот на претседателски мандати и да ја зачува својата доминација. Гласањето исто така му дава можност да ја врати контролата врз наративот по речиси две години протести предводени од студентите, кои ја разнишаа неговата власт. Масовните демонстрации беа поттикнати од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица во ноември 2024 година. Тие брзо се проширија, вклучувајќи обвинувања за политичка корупција и поплаки за губењето на медиумските слободи. Претходно овој месец беше откриено дека шпионскиот софтвер „Пегаз“ (Pegasus) бил користен за таргетирање на паметните телефони на лидерите на протестното движење.
Најавувајќи ги изборите, Вучиќ призна: „Имавме… огромни турбуленции“.
Тој го закажа гласањето само неколку дена откако илјадници луѓе излегоа во главниот град, Белград, на погребот на „Касапот од Босна“, Ратко Младиќ. Во текот на 1990-тите, Вучиќ беше член на екстремна националистичка група која ги поддржуваше силите предводени од Младиќ за време на војната во Босна. Тој се претстави во ново светло како проевропски конзервативец и ја основа Српската напредна странка (СНС), но неговата националистичка база останува важен дел од неговата поддршка. Брисел јасно стави до знаење дека државен погреб за воен злосторник е неспоив со статусот на Србија како земја-кандидат за членство во ЕУ. Решението на Вучиќ беше да организира погреб кој беше државен настан во секој поглед, освен по име.
Иако тој лично не присуствуваше, некои од неговите министри сепак отидоа. Брисел негодуваше, но немаше многу конкретни последици, освен откажувањето на планираната посета на комесарот задолжен за проширувањето на ЕУ. Ова беше уште еден пример за тоа како српскиот претседател сака да ги задоволи сите страни истовремено.
По инвазијата на Украина, Србија се спротивстави на значителниот притисок да се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија. Четири години подоцна, Белград одржува блиски врски со Москва. Во мај, Вучиќ присуствуваше на парадата по повод Денот на победата организирана од Путин во Москва. Само два месеца подоцна, Европската комисија предводена од Фон дер Лајен препорача отворање на следната фаза од преговорите за пристапување на Србија во ЕУ.
Србија е една од шесте земји од Западен Балкан кои се наоѓаат во различни фази на пристапување кон блокот – процес што нашироко се смета за клучен за спротивставување на дестабилизирачкото руско влијание во регионот. ЕУ е исто така заинтересирана за резервите на литиум во Србија бидејќи сака да ја намали зависноста од Кина во однос на суровините потребни за „зелени“ технологии и електрични автомобили. Сепак, Брисел се соочува со тешкотии да го претвори своето економско влијание во политичко влијание врз авторитарната влада на Вучиќ.
Србија не е членка на НАТО – алијансата што ја бомбардираше земјата за време на војната во Косово – но Вучиќ упорно се обидуваше да ја придобие наклонетоста на г-дин Трамп. Постоеја планови за изградба на „Трамп тауер“ во Белград, сè додека Џаред Кушнер не го стопираше проектот поради протестите. Иако американскиот претседател врши притисок врз Белград поради неговата зависност од руска нафта, Вучиќ му вети пречек со „црвен тепих“ доколку ја посети Србија.Тој може да биде сигурен во херојски пречек во земја што со задоволство ја дочека неговата победа над Хилари Клинтон, чиј сопруг, Бил, нареди бомбардирање во 1999 година. Вучиќ притоа му порача на Трамп: „Додека другите можеби се потсмеваат на вашата визија, Србија ја разбира. Додека другите можеби стравуваат од вашата сила, Србија ја почитува.“
Во исто време, тој воспостави можеби најдлабоко сојузништво со Кина, директен конкурент и на САД на Трамп и на ЕУ. Двете земји се посветени на изградба на „заедница на Кина и Србија со заедничка иднина во новата ера“ – иницијатива што претставува новитет за Европа и му овозможува на Пекинг цврсто упориште во регионот.Кинеските инвестиции во Србија нагло пораснаа, а за време на државната посета на Пекинг во мај, Вучиќ беше одликуван со „Медал на пријателството“, највисокото признание што може да му се додели на претставник на странска држава.ина сега е вториот најголем трговски партнер на Србија, веднаш по ЕУ, а понуди и помош за изградба на првата нуклеарна централа во Србија под поволни услови. Пристапувањето кон кинеската иницијатива „Појас и пат“ е многу полесно отколку влегувањето во ЕУ, процес што бара технички, долготрајни и сложени реформи, како и години преговори кои лесно можат да потраат и цела деценија.
Досега, Вучиќ успеваше да ги одржи своите сојузништва без да биде принуден да избере страна. Тоа не е опција на предвремените избори, кои му даваат шанса да ја врати функцијата премиер – позиција која, на хартија, е помоќна од онаа на претседателот. Сепак, коалицијата предводена од неговата СНС се соочува со сериозен предизвик од „Студентската листа“. Политичкото крило на антивладиното движење планира да истакне кандидати кои немаат политичко минато и не се компромитирани.Дејан Павловиќ од Факултетот за политички науки во Белград направи споредба со овогодишните избори во Унгарија, на кои од власт беше симнат автократот Виктор Орбан, сојузник на Вучиќ. Павловиќ изјави дека би можело да се случи сценарио „слично на унгарското, каде што предизвикувачот, без медиумска поддршка и без ресурси, сепак успева да оствари многу убедлива победа“.
Вучиќ чекаше повеќе од 492 дена пред да попушти пред барањето на студентите за предвремени избори.Тој сега се чувствува доволно силен да се соочи со нив, уверен дека победата на парламентарните избори ќе го ослаби интензитетот на протестите до тој степен што потоа би можел да инсталира свој човек кој би го заменил на претседателската функција на наредните избори. Станува збор за политичко одење по жица, но малкумина се подобро подготвени за тоа од Вучиќ. (Телеграф)