Отворена истрага за смртта на популарниот грчки пејач Јоргос Мазонакис


Атина – Грчката полиција и Атинското лекарско здружение (ИСА) спроведуваат одделни истраги за околностите под кои познатиот грчки пејач Јоргос Мазонакис вчера доживеа срцев удар за време на медицинска процедура во ординација во Атина, која според досегашните информации била регистрирана како обична приватна ординација по интерна медицина, но вршела и терапии со матични клетки и сепарација на крвна плазма, јави дописничката на МИА од Атина.

Мазонакис, како што вчера објави МИА, почина на 54-годишна возраст, причината за смртта беше срцев удар, што веројатно се случил за време на плазмафереза (therapeutic plasma exchange).

Станува збор за процедура на чистење и сепарација на плазмата, при која се отстранува крвта, течниот дел од плазмата се одвојува, а преостанатите крвни компоненти му се враќаат на пациентот.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис доцна синоќа на Икс објави дека по информациите дека срцевиот удар бил за време на плазмафереза и „иако точните причини за смртта ќе бидат утврдени со судско-медицинската истрага и дали постои одговорност“, сепак Атинското лекарско здружение ќе ги провери и точните околности.

– Дозволата на ординацијата беше за обична ординација по интерна медицина, а во таква ординација не е дозволено да се изведува ваква медицинска процедура. Побарав од претседателот на Атинското лекарско здружение веднаш да ја спроведе предвидената контрола, бидејќи надлежноста за контрола на лекарските ординации ја имаат локалните лекарски сојузи. Постапката за контрола веќе е започната, посочи Георгиадис.

Лекарското здружение веднаш започна итна проверка во самата ординација и во однос на дозволата за работа и во однос на опремата што се користела и процедурите што се изведувале, а според претседателот на ИСА Јоргос Патулис, биле пронајдени два апарати за плазмафереза.

Говорејќи за грчките медиуми објасни дека плазмафереза не може да се извршува во таква ординација, бидејќи за конкретната медицинска процедура потребна е соодветна опрема и специјализиран медицински персонал.

Паралелно со истрагата на тимот од Лекарското здружение, посебна истрага за околностите под кои почина Мазонакис спроведува и грчката полиција, сопственикот на ординацијата и неговата сопруга, која според грчките медиуми е гинеколог и магистар по молекуларна и развојна биологија, доцна синоќа дадоа исказ во полиција и беа пуштени.

Според истите информации, сопругата на сопственикот е таа која требала да му ја изврши терапијата на пејачот, а во исказот рекла дела му поставила венски катетер по што Мазонакис почувствувал многу силна болка во градите и можно е да доживеал срцев удар.

Обдукцијата на телото што требаше да се изврши денеска е одложена за утре по барање на семејството за да може да назначат технички советник, кој ќе ја следи обдукцијата. 

Мазонакис важеше за еден од најпознатите грчки поп пејачи, со над тридецениска кариера, со голем број хитови, над десет албуми и илјадници настапи и концерти низ цела Грција, но и во странство.

Роден во 1972 година во Атина, кариерата ја започна во раните 90-ти, имаше соработувано со голем број познати грчки композитори и текстописци.

Редовно настапуваше во ноќните клубови со жива музика во Атина и Солун, односно во познатите „бузуки“.

На 20 септември Мазонакис требаше да одржи концерт во Атина за одбележување на неговата 33-годишна кариера.