Мицотакис во Париз го претстави првиот грчки астронаут кој ќе патува во вселената
Атина – Многу сме горди што соопштуваме дека првиот грчки астронаут ќе биде испратен во вселената, во рамките на мисијата на Васт. Неговото име е Адријанос Големис. Ова е многу посебен момент за Грција, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претставувајќи го, на Меѓународниот самит за вселената во Париз, првиот грчки астронаут, кој ќе патува во вселената, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис вчера присуствуваше на претставувањето на екипажот на мисијата PAM-6 кон Меѓународната вселенска станица, а според актуелниот план, лансирањето е предвидено за втората половина на 2027 година.
– Пред неколку години, Грција немаше никакво присуство во вселената. Немавме вселенска програма, ниту вселенска стратегија. Сега имаме 18 сателити во орбитата. Го развиваме нашиот екосистем во областа на производството на сателити. Во земјата ги враќаме младите Грци со искуство во вселенскиот сектор, посочи Мицотакис.
За време на посетата на Париз и по учеството на Меѓународниот саем за вселената, грчкиот премиер оствари средба со францускиот претседател Емануел Макрон на која биле разгледани прашања од билатерален, европски и регионален интерес, со акцент на проекти за поврзување.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, двајцата лидери размениле мислења за случувањата во Источен Медитеран, Иран и Блискиот Исток, а Мицотакис го информирал Макрон за трилатералната средба Грција-Египет-Кипар што се одржа во вторникот.
Биле разгледани и следните чекори во реализацијата на електрично поврзување меѓу Грција и Кипар, по потпишаниот договорот за влез на француска компанија како мнозински акционер, а на средбата разговарале и за иницијативите на двете земји за забрана на пристапот на деца под 15 години до социјалните мрежи.
Дополнително, Мицотакис го покренал и прашањето за влијанието на тековната криза во Ормуската теснина врз трошоците за енергија и потребата за преземање иницијативи на ниво на ЕУ.