Студентските домови и ресурсни центри се обновуваат од темел: До 2031 година со европска поддршка нови, современи и енергетски ефикасни домови низ земјава

Медиумската студиска тура и работилницата ги организира Развојната банка KfW, заедно со Министерството за образование и наука и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија


Скопје / Охрид — Македонските новинари ги видоа резултатите од проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Северна Македонија“, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) за Западен Балкан и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Студиската тура и медиумската работилница, во организација на KfW заедно со Министерството за образование и наука, како партнер во спроведувањето на проектот, и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, ги собраа клучните чинители и партнери на проектот, како и национални и локални новинари и уредници од македонските медиуми.

Проектот опфаќа темелна обнова на девет државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со попреченост и еден ученички дом за средношколци во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес. Повеќето од овие згради се изградени во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, а студентскиот дом во Битола потекнува уште од 18 век, тие станаа застарени и со децении чекаат темелна обнова. Во срцето на проектот е длабоката енергетска рехабилитација: обнова на објектите според современите енергетски стандарди, од конструктивната стабилност до системите што трошат енергија.

Принципот на реконструкцијата е холистички и не се сведува само на воведување енергетска ефикасност. Другите мерки, како обнова на санитарните инсталации и електричната опрема, мерките за безбедност или подобрувањето на заедничките простории за учење — ќе донесат нова, современа средина за живот и учење за повеќе од 5.000 студенти и ученици. Дополнително, таму каде што е соодветно ќе се применат и решенија за обновлива енергија. Еден од клучните елементи ќе биде и поттикнувањето промени во однесувањето на студентите, учениците и вработените кон поголема енергетска свесност.
„Најевтината и најчистата енергија е онаа, која никогаш не ја трошиме. Со повеќе од 21 милион евра грантови од Европската Унија преку REEP и WBIF, оваа инвестиција ги намалува емисиите и истовремено ја менува секојдневната реалност на илјадници студенти и ученици. Ова е Зелената агенда во својата најопиплива форма и дел од патот на Северна Македонија кон Европската Унија.“, вели Стефано Елеро, Шеф на Сектор за соработка, Делегација на Европската Унија во Северна Македонија.

Проектот се спроведува во три фази.
Фаза 1 опфаќа два дома: „Стив Наумов“ во Скопје, каде што наскоро се очекува завршување и предавање на објектот во употреба; „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, кој треба да биде завршен најдоцна до крајот на годината.
Фаза 2 ги опфаќа преостанатите седум домови, со тендери во завршна фаза, а наскоро се очекува да започнат реконструктивните активности и во „Никола Карев“ во Охрид.
Фаза 3 ги опфаќа ресурсните центри и ученичкиот дом, а проектирањето започна во април оваа година. Проектот се очекува да биде завршен во 2031 година.

Четири домови — во Охрид, Прилеп, Штип и домот „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје — ќе бидат обновени според уште повисок стандард, близу до нивото на згради со речиси нулта потрошувачка на енергија (NZEB), со стручна проектантска поддршка од германскиот Фраунхофер институт.

„Она што новинарите го видоа не е визуелизација, туку завршена зграда. Ова е темелна рехабилитација — сè се обновува, од конструкцијата до системите, кои трошат енергија — и токму затоа намалувањето на потребата за енергија е околу 56 отсто по дом, а не десет или петнаесет. Четири згради одат чекор понатаму, близу до NZEB стандардот, со проектантска поддршка од Фраунхофер институтот.“, вели Роберт Шарламанов од KfW Скопје.

По обновата, вкупната потреба за енергија по дом се намалува за просечно 56 проценти, а емисиите на CO₂ за 49 проценти. На ниво на целиот проект тоа значи заштеди од 7.700 MWh годишно и 3.400 тони CO₂ годишно, при што обновливите извори учествуваат со околу 12 проценти во потрошувачката на енергија.


„За KfW ова е долгорочна обврска — до 2031 година, низ три фази, финансирана преку комбинација на заеми, грантови и поддршка од Европската Унија. Токму грантот овозможува сериозна и темелна, а не козметичка обнова: без неа, работите би биле поплитки, а заштедите далеку помали. Она што се добива е инфраструктура што ќе троши помалку енергија многу години што доаѓаат.“, вели Оливер Јунгер, портфолио менаџер, Развојна банка KfW, Франкфурт.

Вкупниот расположлив буџет изнесува 85,56 милиони евра: заеми од KfW во износ од 60 милиони евра; грантови од Европската Унија во износ од 21 милион евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF); и 3,85 милиони евра од Министерството за образование и наука.
Реализација на проектот ќе трае до декември 2031 година. Се очекуваат и дополнителни финансиски средства, со што проектот во перспектива би надминал 100 милиони евра.