Рекордна цена на бакарот


Цената на бакарот на Лондонската берза за метали (ЛМЕ) достигна рекордно ниво поради големата побарувачка за црвениот метал за дата центрите, за одбранбениот сектор и најавата за американските царини.

Тон бакар денеска се тргуваше за 14.642,50 долари, додека вчера цената изнесуваше 14.708,50 долари.

Зголемувањето на цената на бакарот почна на почетокот од месецот по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царина за бакарот од 15 проценти од следната година, а во 2028 година царината ќе изнесува 30 отсто.

Бакарот е важна суровина во индустријата, електрониката, електричните мрежи и градежништвото.

Податоците на Меѓународната група за истражување на бакарот покажуваат дека производството на бакар се намалило за 1,1 процент во првата половина од годината, со двоцифрен пад кај водечките производители чилеански „Коделко“ и американската „Фрипорт-МекМоРан Инк“.

„Коделко“ на крајот на август соопшти дека произвела 11 проценти помалку бакар во првата половина од годината отколку во истиот период минатата година поради несреќата во рудникот Ел Тениенте во јули 2025 година, при што загинаа шест рудари.

„Фрипорт-МекМоРан“ на крајот на јули објави дека произвела дури 20 проценти помалку бакар од јануари до јуни поради несреќата во рудникот Грасберг во Индонезија пред точно една година, во која загинаа седум рудари.

Аналитичарите посочуваат дека владите во Африка бараат поголема контрола врз домашното рудно богатство, менувајќи ги законите за рударство и барајќи поголем удел во сопственост или позначајно учество од домашните компании.