Мерц: АфД е „деструктивна сила“ која никогаш нема да освои апсолутно мнозинство
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска остро ја критикуваше крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), нарекувајќи ја „деструктивна сила“, во првото обраќање во парламентот по убедливата победа на антиимиграциската партија на покраинските избори во Саксонија-Анхалт.
Мерц истакна дека АфД не успеала да ја постигне својата јавно наведена цел за освојување апсолутно мнозинство на неделните избори, оценувајќи дека „никаде во Германија“ партијата нема да може да го постигне тоа со своите политики.
АфД освои прво место со рекордни 43,8 проценти во Саксонија-Анхалт, што значи дека за малку не успеа да освои апсолутно мнозинство од пратеничките места. Сепак, партијата беше убедливо пред демохристијаните на Мерц (ЦДУ), чијашто поддршка падна за речиси 20 процентни поени, на 17,2 проценти.
Денешната средба во рамките на дебатата за Буџетската недела во Бундестагот, долниот дом на парламентот, беше првпат Мерц и копретседателката на АфД, Алис Вајдел, лично да се соочат по неделното гласање. Вајдел, на која како лидерка на опозицијата ѝ беше дозволено прва да зборува, го искористи своето време за жестоко да ја нападне владата на Мерц, вклучително и нејзината миграциска политика, поддршката за Украина и климатската политика.
Мерц ја обвини АфД дека ги изневерила гласачите, посочувајќи дека само неколку часа по затворањето на избирачките места, раководството на АфД го повикало Улрих Зигмунд, нејзиниот главен кандидат во Саксонија-Анхалт, да стапи во контакт со други партии за да најде мнозинство, иако Зигмунд повеќепати пред изборите нагласувал дека ќе владее само доколку АфД освои апсолутно мнозинство.
Убедливата победа на Алтернатива за Германија (АфД) на покраинските избори во Саксонија-Анхалт го најави крајот на националната владина коалиција предводена од канцеларот Фридрих Мерц, изјави копретседателката на АфД, Алис Вајдел.
– Гласачите во Саксонија-Анхалт ви ставија до знаење, на јазикот на демократскиот суверен: црно-црвената коалиција е завршена, му порача Вајдел на Мерц во Бундестагот, за време на Неделата на буџетот.
Таа исто така упати критики кон Мерц за неговата економска политика, обвинувајќи го дека води невидена политика на долг.
– Ја туркате Германија во национален банкрот во рекордно време, посочи Вајдел.
Владата на Мерц ги олабави строгите правила за долг на Германија минатата година за да може масовно да ги зголеми инвестициите во одбраната, инфраструктурата и климатските промени.