Сикорски: Подемот на АфД би можел да го претвори зајакнувањето на германската војска во безбедносен ризик


Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски предупреди дека изборниот успех на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) би можел да го претвори зајакнувањето на германските вооружени сили во безбедносен ризик за Европа.

АфД во неделата на локалните избори во Саксонија-Анхалт освои рекордни 43,8 проценти од гласовите, повеќе од двојно во споредба со 2021 година, додека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц освои 17,2 проценти, што е нејзин најлош резултат во таа источна германска сојузна покраина.

– Сакаме Германија, под демократско водство и како најголема европска економија, да има силна улога во зајакнувањето на нашата заедничка безбедност – рече Сикорски во интервју за германски „Ханделсблат“.

Меѓутоа, тој истакна дека „премногу добро помниме до што може да доведе повторно вооружена Германија во рацете на крајно десничарска, проруска партија, а токму тоа го претставува АфД“.

Слична порака упати и полскиот премиер Доналд Туск по изборите во Саксонија-Анхалт, велејќи дека во Полска „само идиоти или предавници“ би можеле да се радуваат на успехот на АфД.

АфД и понатаму е во опозиција на сојузно ниво, додека главните германски партии одбиваат соработка со неа.