Операциите на Израел во Сирија би можеле да претставуваат „воени злосторства“, според истражители од ОН
Можно е да биле извршени „воени злосторства“ во рамките на воените операции што Израел ги спроведува на територијата на Сирија, изјавија денеска истражители од ОН.
– Комисијата е длабоко загрижена поради континуираните прекршувања од страна на Израел во Сирија – изјави во Женева Фионуала Ни Аолаин, членка на Независната меѓународна истражна комисија на ОН за Сирија, за време на седницата на Советот за човекови права на ОН.
Израел изврши стотици воздушни напади врз Сирија по падот во декември 2024 година на режимот на претседателот Башар ал Асад, кој беше соборен од исламистичка коалиција која потоа дојде на власт. Нападите беа насочени особено кон воената инфраструктура.
Израелската армија исто така распореди трупи во тампон зоната под надзор на ОН, која ги раздвојуваше израелските и сириските сили на Голанската Висорамнина, окупирана од Израел од 1967 година. Израел наведува дека таму воспоставил „безбедносна зона“ која има намера да ја задржи.
– Израелската воена активност во јужниот дел на Сирија се засилува и добива сè потраен карактер, карактеризирајќи се со краткотрајни копнени операции, патроли, рации и повеќекратни претреси – истакна Ни Аолаин.
Според неа, „создавањето на мрежа од привремени контролно-пропусни пунктови и постојана воена инфраструктура на сириска територија од страна на Израел сериозно го засегна цивилното население. Израел исто така испрашуваше и приведуваше стотици жители, вклучувајќи и малолетници“.
Во јуни 2026 година, Комисијата соопшти дека утврдила 49 лица – вклучувајќи и две деца – кои биле приведени од израелските сили на сириска територија, „откако веројатно биле префрлени преку сириската граница“.
– Ваквите дејствија би можеле да претставуваат воени злосторства – изјави Фионуала Ни Аолаин, потсетувајќи дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во јули изјави дека „тоа што се случува во областа на Голанската Висорамнина е целосно неприфатливо“.