На тестот на PISA во европските земји забележано нагло опаѓање на знаењето на учениците


Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска објави дека во програмата за меѓународно оценување на учениците (PISA) по математика, читање и природни науки е забележан остар пад на знаењето на учениците од европските земји.

„Падот на постигнувањата на учениците е потврден во земјите на ОЕЦД, каде што просечните резултати се најниски досега забележани во Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (PISA) по математика и читање“, се вели во соопштението на меѓународната организација со седиште во Париз.
Додаваат дека „еден од пет 15-годишни ученици сега има послаби резултати во наука, математика и читање, во споредба со 16 проценти во 2022 година“.
Анкетата „PISA 2025“ беше најголемото оценување досега спроведено, во кое учествуваа 760.000 ученици во 91 земја и економии.

Според извештајот „PISA 2025“ објавен денеска, резултатите на учениците од Франција се меѓу најниските досега забележани по математика, разбирање на читање и наука.

„Кога ги гледаме постигнувањата на учениците, навистина има значителен пад во последните десет години“, рече Ерик Шарбоние, аналитичар во Директоратот за образование и вештини на ОЕЦД, објави телевизијата BFM.

Според него, помеѓу 2015 и 2025 година, резултатите на француските ученици на тестовите се намалиле за 40 поени во читањето со разбирање, а за исто толку и во математика.

„Четириесет поени се еквивалент на две години учење. Имаме вистински проблем со постигнувањата на учениците, кои се влошија во Франција како и во многу европски земји“, заклучи Шарбоние.

Половина од учениците во Шпанија, на возраст од 15 до 16 години, покажаа ниско ниво на знаење по природни науки на истиот тест, а само 28 проценти од нив го достигнаа минималното ниво на компетентност потребно за справување со секојдневниот живот и идната кариера, додека падот во читањето и математиката достигна најниска точка.

Тестовите PISA, кои ги решија 30.000 ученици во Шпанија, покажаа „значаен“ пад на вештините за читање и математика, до 26 и 28 поени соодветно во последните десет години, што значи повеќе од една изгубена учебна година.

Учениците во Португалија и Германија, исто така, покажаа значителни заостанувања во оваа област, а вишиот аналитичар на ОЕЦД, Ту Халгрин, рече дека „учениците не се во можност да разбираат долги текстови и брзо да читаат, што е глобален предизвик“.

Вештините за читање, според резултатите од тестот PISA, нагло се намалија во последните години кај петнаесетгодишниците во Холандија, а повеќе од 39 проценти, или четири од десет холандски ученици во оваа возрасна група, не го достигнуваат минималното ниво на читање потребно за целосно учество во општеството.

Во извештајот на PISA се наведува дека од 14-те земји на Европската Унија кои учествувале во секое PISA истражување од 2006 година, холандските ученици, во просек, постојано постигнуваат пониски резултати од другите европски деца.

Повеќе од 760 000 ученици го полагаа тестот PISA по природни науки, математика и читање во 2025 година во 91 земја и економии, што претставува околу 33 милиони 15-годишници низ целиот свет. Највисоки резултати во PISA 2025 во тие три области имаат Пекинг, Шангај, Џангсу и Џеџијанг, и Сингапур. Дополнително, Естонија, Јапонија, Кореја, Макао (Кина), Кинески Тајпеј и Обединетото Кралство беа меѓу 10-те најдобри образовни системи.