Главниот обвинител на Украина поднесе оставка


Главниот државен обвинител на Украина, Руслан Кравченко, поднесе оставка по обвинувањата за корупција поврзани со заштита на нелегални телефонски центри и перење пари.

Оставката следува откако украинските антикорупциски истражители викендов извршиле претрес во неговите канцеларии и соопштиле дека откриле криминална шема во која бил вмешан функционер од Oбвинителството.

Според Националното биро за борба против корупцијата – НАБУ и Специјализираното антикорупциско обвинителство – САПО, мрежата примала пари за да ги заштитува центрите кои вршеле телефонски измами и испрала милиони. Истражителите тврдат дека дел од парите биле користени за купување недвижности, накит и други вредни предмети.

Кравченко ги отфрли обвинувањата како неосновани и порача дека не сака функцијата главен обвинител да биде користена како алатка за политички пресметки. Тој при поднесувањето на оставката им се заблагодари на претседателот Володимир Зеленски и на украинскиот парламент за довербата, додека Зеленски засега јавно не ја коментираше неговата одлука.

Новиот случај повторно го отвора прашањето за корупцијата во Украина, особено откако минатата година имаше протести и критики од западните партнери поради обидите да се ограничи независноста на НАБУ и САПО.

– Advertisements –

Борбата против корупцијата е еден од клучните услови на патот на Украина кон членство во Европската Унија, а во последниот период неколку случаи ги опфатија и функционери блиски до претседателската администрација.