Австриската министерка Бауер: Придружното членство во ЕУ може да биде мост, но не и замена за полноправното членство
Предлогот за постепена интеграција односно „придружно членство“ во Европската Унија, е добар бидејќи на граѓаните од државите-кандидати може да им понуди „нешто опипливо“, но тоа никогаш не смее да стане трајна замена за полноправното членство, оцени австриската министерка за Европа, интеграции и семејство Клаудија Бауер.
Таа во интервјуто за денешна белградска „Политика“, оценува дека таквиот пристап е особено потребен за земјите од Западен Балкан.
„Тука зборуваме за процеси на проширување што траат повеќе од 20 години. Фрустрацијата е голема, особено кај младите кои пораснаа со ветувањето дека кога ќе станат возрасни ќе бидат граѓани на ЕУ, а тоа не се случи“, рече австриската министерка.
Бауер повтори дека постепената интеграција би можела да биде „мост во процесот на проширување“, но и истовремено дека „никогаш не смее да стане паркинг“.
„Таквиот пристап јасно ги покажува конкретните резултати од процесот на пристапување кон ЕУ и им покажува на граѓаните на земјите кандидати дека се исплаќа да останат на вистинскиот пат и да ја поддржат својата влада во спроведувањето на реформите“, додаде таа.
Бауер оцени дека е потребен пристап заснован на заслуги, но нагласува оти тој мора да функционира во двата правца – земјата кандидат мора да ги спроведе реформите, а ЕУ мора да ги исполни своите обврски.