Копуците во ЕУ не сакаат да ги делат фондовите со нови земји членки


Само што дојде на функцијата, новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, почна да најавува вета за проширувањето на Европската унија. Во изјава по средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, Маѓар во име на некаква квази принципиелност порача дека „Унгарија е против забрзано пристапување на која било земја кандидат во ЕУ“, мислејќи на Украина пред се, но тоа не ја исклучува и Македонија, иако премиерот Христијан Мицкоски не мисли така. Ова е чекор напред од првите изјави кога беше против само за забрзувањето на приемот на Украина. 

„Потврдив дека Унгарија не поддржува забрзан процес на пристапување за ниту една земја-кандидатка“, напиша премиерот по средбата. Маѓар е премиер инаку на земја која на супер брза лента влезе во ЕУ, при што ниту преговараше за тоа, а очекува новите земји кандидати сега да влегуваат со децении. 

Уште повеќе, оваа изјава доаѓа од премиер на земја членка која има најлошо досие за владеење на правото во Унијата, во која врие од корупција, која е тотално зависна од рускиот гас па ја кочи заедничката надворешната политика (којзнае каква разлика не се виде од Орбан до Маѓар), која мавта со вето, а чека пари од разните фондови на Брисел. 

Практично испаѓа дека новите земји членки од Источна Европа се најголеми кочничари на проширувањето, или кажано поинаку, земјите копуци кои влегоа во ЕУ за да ги користат фондовите за развој сега не сакаат да дадат таква шанса на други држави, бидејќи се уше сакаат да бидат единствените со „рацете во медот“, измислувајќи разни причини за непроширување.

Ова е една од причините и за ветото на Бугарија кон Македонија, иако формално зад него стојат цела низа политички условувања. На оваа листа земји блокатори од неодамна се приклучи и Хрватска, чии политичари при влегувањето во членство во ЕУ изјавуваа дека  никогаш нема да ја користат таа практика со ветата. Практично кога стана јасно дека Црна Гора добива реален рок за влегување во Унијата, Загреб излезе со список на барања што треба да ги исполни Подгорица, како до вчера да биде во војна а не како две земји што соработуваат. Во тој список на барања се наоѓаат исчезнати лица, сопственост на бродови, граници, спомен-плочи, воени оштети, извинувања, осуди…Сега Загреб звучи исто како Бугарија кон Македонија, т.е. се крие зад европска рамка со зборовите дека „Брисел не може и не сака да увезува билатерални спорови, поради што отворените прашања мора итно да се решат, за да не ги оптоваруваат билатералните односи или процесот на пристапување“. Европска рамка за егоистички локални потреби.

Ова се случува и покрај тоа што уште лани  медиумите во регионот објавија дека Црна Гора и Хрватска се на прагот да решат неколку долгогодишни билатерални спорови. Хрватска и Црна Гора делат сложена историја, обележана со југословенските војни и нерешените прашања. Во 2000 година, поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ се извини за гранатирањето на Дубровник во 1991 година, но Хрватска потоа побара заштита за своето малцинство во Црна Гора кое изнесува само 0,7% од населението и одговорност за воените злосторства, вклучувајќи ги и 14 исчезнати Хрвати од 90-тите години. Тогаш црногорската влада објави дека разгледуваат исплата од 15-17 милиони евра на хрватските граѓани притворени во логорот Морињ за време на југословенските војни (1991-1992), со што се решаваат историските поплаки.

Било договорено и одржување на спомен-плочата во кампот Морињ во близина на Котор, и покрај минатите спорови околу нејзината формулација. На Хрватска и пречело и именувањето на базен според Зоран Гопчевиќ, црногорски спортист и поранешен чувар на кампот Морињ, а барала решение и за сопственоста на  тренинг-бродот „Јадран“ и за границата на полуостровот Превлака, врз основа на привремениот договор од 2002 година во корист на Хрватска. 

И Полска, која покрај Молдавија, Естонија и Литванија е најзагрозена од соседите на Украина од руската воена агресија, почна да ја кочи апликацијата на Киев – заради украинското жито кое се продава на пазарот на Европската унија! Земја која произведува иако е во војна и која се обидува сама да си обезбеди трошоци за одбрана место да моли за вена помош, и пречи на Варшава затоа што е конкуренција на пазарот со жито. Во Бугарија исто така се подготвува терен за идно вето за Србија која се преставува како регионално страшило, а во Македонија веќе има очекувања дека ако некогаш дојде до влегување во ЕУ – повторно ќе се јави Грција со ново вето, иако Бугарија во моментов практично одработува за Атина во Брисел. Мета на закани со вета е и Албанија, но и на ниски политички удари, што би рекол премиерот Христијан Мицкоски, „под радарот“ за да не се случи да влезе во ЕУ пред Србија.