Европската комисија одобри инвестициски проект од 2,3 милијарди евра за грчките острови


Атина – Инвестициски проект на Фондот за декарбонизација на грчките острови во висина од 2,3 милијарди евра, што вклучува план за енергетска и еколошка трансформација, беше одобрен од Европската комисија и Европската инвестициска банка, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за животна средина и енергетика на Грција информираа дека конкретниот Фонд бил создаден исклучиво за Грција како единствена финансиска рамка што ги комбинира електричното поврзување на островите со развојот на чиста енергија, складирањето енергија и електромобилноста.

За електрично поврзување на Додеканезите, Кикладите и островите во североисточниот дел на Егејското море, ќе бидат одвоени 1,1 милијарда евра, за проекти поврзани со обновливи извори на енергија и складирање, со посебен акцент на поставување фотоволтаични системи во домови, хотели, ресторани, продавници, канцеларии, болници, училишта, јавни и земјоделски објекти и земјоделски површини, планирани се 977 милиони евра; 200 милиони евра се одвоени за брани и повеќенаменски акумулации, а 56 милиони евра за развој на инфраструктура за полнење електрични возила.

– Овие инвестиции значително ќе придонесат во намалувањето на јаглеродниот отпечаток на грчките острови, во зајакнувањето на нивната енергетска автономија и безбедност и забрзување на зелената транзиција на островска Грција, соопштија од Министерството за животна средина и енергетика.

Европскиот комесар за клима Вопке Хукстра ѝ честиташе на Грција за финализирањето на планот на програмата и посочи дека сега е време да се спроведе во пракса.

-Овој Фонд претставува одличен пример за тоа како треба да се користат приходите од Системот за тргување со дозволи за емисии: за финансирање чиста енергија која директно им користи на потрошувачите на грчките острови, овозможувајќи почиста, побезбедна и постабилна електрична енергија, подобри електрични интерконекции и развиена инфраструктура за полнење електрични возила, посочи еврокомесарот.

Министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру, нагласи дека одобрувањето на инвестициската програма на Фондот за декарбонизација на островите „претставува уште еден важен чекор кон енергетската транзиција на земјата“, но и дека е обезбедена уште една значајна финансиска алатка што „енергетското планирање го претвора во конкретни проекти за граѓаните“.

-Со Фондот за декарбонизација на островите исполнуваме едно основно наше ветувања: жителите на островите да ги имаат истите можности и истата енергетска безбедност како и секој граѓанин од континентална Грција. Ова е голем чекор за енергетски поавтономни и побезбедни острови, со достапна енергија за граѓаните и бизнисите, со чиста енергија од сонцето и ветерот и со подобри перспективи за развој. За нас, тоа значи енергетска демократија: ниту еден граѓанин и ниту еден остров да не заостане во енергетската транзиција, истакна Папаставру.