Суад Мисини ќе го претвори домот во засолниште за ранливи лица


Скопјанец реши домот што зад себе го оставила неговата покојна сопруга да го стави во служба на заедницата, со идеја просторот да прерасне во сигурно засолниште за ранливи групи граѓани.Станува збор за Суад Мисини од Скопје, активист за човекови права, кој заедно со синот Исак решил да ја донира куќата по смртта на Азбија Мемедова.

Нивната намера е објектот во иднина да се користи како безбеден простор за жртви на семејно насилство, деца без родителска грижа и за лица во социјален ризик.  Мисини оваа одлука ја сподели на социјалните мрежи, каде што повика архитекти и хумани луѓе да помогнат во обновата и приспособувањето на куќата. Тој најави дека имињата на сите што ќе дадат поддршка ќе бидат поставени на самиот влез.

Азбија Мемедова, која почина во декември минатата година, остана запаметена како посветен застапник за човековите и на детските права и како личност со современи идеи за унапредување на образованието.