Началникот во Демир Хисар ќе биде разрешен. СДСМ вели дека тоа не е доволно

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола при МВР, по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар, Роберт Мартиновски. За него е покрената дисциплинска постапка.
„Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата. МВР го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување. Полицијата е тука за да ги спроведува законите и да им служи на граѓаните“, информира МВР.
Мартиновски бараше директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, иако болна, на носилка да биде однесена во полициската станица на испрашување за тоа каде биле печатите на училиштето.
Опозициската СДСМ реагираше дека ова не е доволно, туку дека началникот треба и кривично да одговара.
„Откако цели два дена му требаше на МВР да ги видат снимките кои целата јавност ги виде, под притисок на СДСМ и граѓаните, МВР конечно постапи, но ова не е доволно. Добро е познато дека на овој начин МВР сака да го забошоти случајот за нивниот началник, кој е унапреден уште првиот ден кога Тошковски ја презема функцијата во МВР.
Откако е јасно признаена вината од МВР, сега нема ниеден изговор уште денес да не се поднесе кривична пријава и да се процесира насилникот. Ако тоа не го направи ОЈО и продолжи да калкулира, ќе биде јасно дека го штити началникот, а со тоа и Тошковски. СДСМ располага со низа скандали за истиот човек, кои ќе бидат објавени, како и за други раководни лица на Тошковски, кои се срам за македонската полиција.
Сега станува и се појасно зошто Тошковски сака измени на Законот за полиција, со кој скандалозно се предвидува ваквите началници кривично да не одговараат“, се вели во соопштението на партијата.