Нов Клинички центар на пауза – „8 Септември“ ќе биде регионален центар
Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје да стане регионална, а изградбата на нов клинички центар да се паузира, затоа што населението старее, а треба да се погледнат и бројките на осигуреници и пациенти, најави денеска директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, при презентацијата на буџетот за 2025 година.
– Планираме Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување на пациенти од Скопје, Куманово и Велес – директорот на ФЗО, Сашо Клековски.
Според него, реорганизацијата на „8 Септември“ е дел од здравствената стратегија, владина и партиска, и дека во моментов, идејата за нов Клинички центар е малку паузирана за да видат кои се потребите на општеството.
„Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти. Второ, дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има „8 Септември“. Има 150 квадратни метри болнички кревети наспроти стара Градска каде што се 30 и нешто квадрати. Поради тој капацитет и инфраструктурата околу болницата, очекувано е дека таму ќе се инвестира за да се види колку може да се растовари Клиничкиот центар во однос на секундарно здравство. Морам да кажам дека во „8 Септември“ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример нефрологија“, рече Клековски.
За да се случи сета оваа реорганизација, потребни се законски измени.