Соборниот храм преполн – радосно дочекано воскресението Христово
Верниците со црвено јајце во рака го прекинаа 49-дневниот пост, се кршеа со вапсаните јајца и отпоздравија со „Вистина воскресе!“
Со објавата „Христос воскресе!“, ноќва на полноќ, беше објавено воскресението на господ бог Исус Христос, а бројни православни верници веста ја дочекаа во храмовите. Во скопскиот Соборен храм, поглаварот на МПЦ-ОА Г.Г. Стефан богослужеше во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Верниците со насмевки и црвено јајце во рака го прекинаа 49-дневниот пост, се кршеа со вапсаните јајца и отпоздравија со „Вистина воскресе!“ Во секоја црква радосно ѕвонат камбаните кои обзнануваат дека се случило најголемото чудо – човекот ја победи смртта и стана од мртвите!
Воскресението Христово е празник што ги спојува верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Величетврток уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници.
За тоа ни сведочи Светото предание. Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе! Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во воскресението.
Оваа практика и до ден-денес е запазена во Светото послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат сè до Христовото вознесение, Спасовден.