Шведска со 2,5 милиони евра помогна Катастар да има ажурирани дигитални податоци


SONY DSC

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, од 2005 година во континуитет, преку Шведската меѓународна развојна агенција, добива поддршка од страна на кралството Шведска.  Поддршката се однесува на подигањето на функционалностите на Агенцијата за катастар на повисоко ниво и тоа преку осовременување на еКатот, МАКПОС системот, изготвување на повеќе студии. Беше реализирана помош и во воспоставувањето на ИТ секторот, како и подигањето на свеста за Националната инфраструктура на просторни податоци. Со сево ова, АКН ги подобри своите сервиси и работни перформанси, од што директен бенефит имаат граѓаните на нашата држава.

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија и Лантматериет (Шведскиот катастар) во 2018 година добија финансиска поддршка од Шведската меѓународна развојна агенција (Swedish International Development Agency – SIDA) за имплементација на проектот „Соработка за дигитална демократија“. Денес, проектот „Соработка за дигитална демократија“ ги сумира резултатите на крајот од проектниот циклус. 

Целта на проектот „Соработка за дигитална демократија“ беше да придонесе и да влијае во зајакнувањето на капацитетите во Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, со развиени деловни практики, со овозможена размена на високо квалитетни и ажурирани дигитални податоци, а преку нови и подобрени услуги во зајакната демократија, како придонес кон непречена ЕУ интеграција и подобрени услови за живот на сите жители на Македонија.

Вкупниот износ на донацијата е 23.710.406 шведски круни (околу 2.5 милиони евра). Проектот беше реализиран во периодот 2019 – 2023 година преку пет компоненти: воспоставување единствен, точен и одржлив систем на Адресен регистар; Воспоставување, развој и одржување на модерна геодетска инфраструктура; Одржлива организација на ИКТ-секторот во АКН; Национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) со ажурирани, точни и добро одржувани просторни податоци; Скенирани и дигитализирани архивски документи.

На денешниот настан поздравни обраќања, имаа, Н.Е. г-ѓа Ами Ларсон Јаин, амбасадорка на Шведска и г. Борис Тунџев, генерален директор на АКН, како и Микаел Лиље, раководител на меѓународниот оддел во Лантматериет.