Салата „Расадник“ повторно под општинска капа


Скопската општина Кисела Вода ја презеде руинираната спортска сала „Расадник“.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека салата е и правно вратена во сопственост на Општината и истата ќе биде реконструирана.

„Ја презедовме без долговите кои ги имаше и започнуваме процес за нејзина темелна реконструкција. Со овој чин, ставаме крај на 30-годишната негрижа која овој објект го претвори во руина, во демолиран, небезбеден и целосно уништен простор кој од најголема гордост, стана најголем срам, не само за Кисела Вода, туку и за цела Македонија“, најави градоначалникот на Кисела Вода.

„Расадник повторно ќе биде центар на најголемите спортски случувања, повторно ќе биде дом на црвено- црните и на сите други значајни клубови. Место од каде ќе одекнуваат аплаузи и навивања, место каде ќе се слави успехот“, потенцира Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски рече дека општината нема да има никаква обврска за подмирување на долговите кои ги остави „Империал Данела“.

„Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт кое ја издаде под закуп во 2002, по судски пат ќе бара да се подмири долгот со оглед на тоа дека од фирмата никој не се јавува на нивните повици“, појасни Ѓорѓиевски.

Тој најави дека за објектот кој во моментов е демолирана руина, небезбеден и целосно уништен простор сега ќе се направи проект, по што ќе се распише тендер за избор на фирма која ќе ја реконструира салата.

„Очекувам до крајот на годинава градежните работи да почнат“, рече Ѓорѓиевски.