Средношколците бараат јавен превоз без дискриминација


Илустрација

Денеска, Сојузот на средношколци (ССРСМ) достави предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование до Собранието. Средношколците законот го доставија до претседателот на Собранието, координаторите на сите пратенички групи (ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата; Коалицијата „МОЖЕМЕ“; ДУИ; Алијанса за Албанците), Клубот на млади пратеници и Комисијата за образование, наука и спорт. Сојузот бара поддршка од сите пратеници и очекува законот да биде донесен по скратена постапка.

Со овие законски одредби правото на бесплатен превоз станува универзално за средношколците. Овој закон предвидува крај на дискриминацијата врз основа на растојанието од домот како и на типот на училиштето – државно или приватно. Понатаму, се обезбедува превоз и за учениците кои посетуваат феријална пракса за време на распустите, а се гарантираат и правата на учениците со попреченост. Законот овозможува превозот да стане праведен за сите средношколци во нашата земја.

Ако предлог-законот не се донесе во рок од најмногу 2 месеци, Сојузот на средношколци ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за Судот да ја оцени уставноста на сегашните одредби.

Претходно, Сојузот организираше прес-брифинг во просториите на „Europe House“ Скопје со цел подигнување на јавната свест за потребата од праведен и бесплатен јавен превоз за сите средношколци. На настанот премиерно се емитуваше и кратко документарно видео во кое ученици од приватните училишта зборуваа за нивната потреба од јавен превоз.

Беше заклучено дека моменталната состојба не ги третира средношколците подеднакво. Сегашниот систем дискриминира врз основа на типот на училиштето: учениците во приватните училишта немаат право на превоз. Исто така, учениците кои живеат на помалку од 2,5 километри од нивното училиште не добиваат превоз. Учениците кои посетуваат феријална пракса за време на летниот распуст не добиваат бесплатен превоз, па така тие се приморани да плаќаат за оваа училишна обврска.

Претседателката на ученичкиот совет на American High School – Скопје, Сара Тошева, посочи дека родителите на учениците во приватните училишта ги плаќаат истите даноци и давачки кон државата и оттука зачудува фактот што овие ученици немаат право на бесплатен превоз. Според неа, тие се чувствуваат дискриминирано. Исто така, не смее да се заборави дека во приватните училишта учат и стипендисти чиишто примања не се толку високи колку што мисли јавноста. Поради тоа, потребно е секој средношколец да го има ова право.

Додека претставникот на Младинскиот образовен форум (МОФ) и активист за правата на учениците со попреченост Панде Ефтимов кажа дека МОФ долги години работи на оваа проблематика, односно се залага за подобар квалитетен систем. Учениците со попреченост – или како што законот ги нарекува ученици со посебни образовни потреби – треба да ги имаат истите права како учениците без попреченост. Според Ефтимов, на учениците со оштетен вид и слух веќе им е доволно тешко во секојдневното живеење и овој закон многу ќе им ја олесни пристапноста кон образованието.

Вториот потпретседател на Сојузот Филип Најдовски ја информираше јавноста дека во март 2022 година претставници на средношколците остварија средба со градоначалничката на Скопје. Во текот на годината Сојузот се сретна и со советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје, Клубот на млади пратеници и вицепремиерката за добро управување, Славица Грковска. Најдовски додаде дека Сојузот успеа да обезбеди бесплатен јавен превоз за средношколците од Скопје и во текот на летниот распуст.

Претседателот на Сојузот Лука Павиќевиќ изјави дека изминатата година Сојузот на средношколци ја искористи да го прилагоди својот предлог на фактичката состојба и можности, притоа земајќи ги предвид забелешките на надлежните, пратениците и советниците, што значи дека предлогот на Сојузот е компромисен и консензуален.