Раскинат договорот со приватниот превозник „Макекспрес“, ЈСП ги презема линиите


Фото: Б. Грданоски

Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје, денеска го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“, а линиите на кои сообраќаа приватните автобуси, отсега ќе бидат заменети со автобуси на ЈСП Скопје со што транспортот на патници ќе продолжи непречено, соопштија од Град Скопје.

Причина за раскинувањето на договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ е непочитување на обврските од договорот во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз.

– Со жалење мораме да констатираме дека „Макекспрес“ до моментот на раскинување на договорот не успеа да обезбеди модернизирани автобуси со соодветни еколошки стандарди, основно ниво на хигиена во автобусите и редовност без доцнење на автобуските постојки – велат од Градот и додаваат – Сите овие поплаки се истакнати од граѓаните, со што во целост се нарушува и имиџот на јавниот превоз во главниот град.

Потсетуваат дека, транспортот на патници на линиите кои досега ги сервисираше „Макекспрес“ ги презема ЈСП Скопје со сопствени автобуси.