Реконструкција на улицата „Славка Динкова“ во Драчево


За улицата „Славка Динкова“ во населба Драчево, во Кисела Вода, Градот Скопје издвои 50., милиони денари за реконструкција и поставување на нова атмосферска канализација.

 „На барање на жителите на Драчево по 30 години за првпат ги решаваме истакнатите значајни проблеми со атмосферската канализација и постојното сообраќајно решение на ул. „Славка Динкова“. Ги слушаме нивните барања и посветено работиме на обезбедување на ефикасни и безбедни решенија кои пред се нудат квалитетни услови за живот. Реконструкцијата на оваа асфалтна површина опфаќа и нова атмосферска канализација во должина од 1.175 метри“, изјави градоначалничката Арсовска.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски истакна дека Град Скопје и Кисела Вода за првпат работат на решение со кое значително ќе се олесни функционирањето и движењето на повеќе од 30.000 граѓани кои секојдневни транзитираат по улицата „Славка Динкова“.

 „Како прва фаза во реализацијата на овој проект е изградба на атмосферска канализација на улицата „Славка Динкова“, со понатамошни градежни активности кои вклучуваат реконструкција на улицата, изградба на нови тротоари и поставување на нови лед штедливи светилки, кои значително ќе ги намалат трошоците во време на економска и енергетска криза“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.