Сообраќајот во Скопје беше блокиран со часови


Фото: Б. Грданоски

Попладнево, сообраќајот во Скопје беше блокиран од колони возила речиси три часа.

Сообраќајната полиција го регулираше сообраќајот додека семафорите беа исклучени на дел од крстосниците, а возилата стоеја во место и по еден час.

Автобусите од градскиот превоз беа заглавени во метежот, а нервозните патници се јавуваа по неколку пати дома да кажат дека едноставно како да стојат во место.

Од станицата каде поминува автобусот со број „5“ кај АМСМ, до Рекорд, се патуваше 30 минути, и уште дополнителни 20 до Олимписки базен. ДО последната станица, сообраќајот малку се растовари по станицата ај Т.Ц. „Скопјанка“.

Во сообраќајкниот метеж беа заглавени и повеќе возила на брзата помош, кои не можеа брзо да ги однесат болните или да стигнат до нив.

Центарот за управување со кризи на Скопје соопшти дека попладнево на повеќето сообраќајници е забележан поголем метеж на возила.

Дополнително, на крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“ се случи и сообраќајна незгода во која учествуваа пет возила, а четири лица беа повредени.

Многумина реагираа и на социјалните мрежи, споредувајќи го метежот со оној во Бангладеш, а некои реагираа и на плановите за изградба на висококатници кај „Холидеј ин“. Ако вака изгледа сообраќајот сега, како ќе изгледа кога таму ќе се вселат илјадници граѓани?, со право прашуваат скопјани.

И градоначалничката Данела Арсовска е зачудена од состојбата.

„Да се исклучат семафори без најава со часови за да се направи сообраќаен хаос е крајно несериозно. Сообраќајот е ист како и други денови и нема основа објаснувањето дека дождот е причината за денешната слика од улиците во Скопје каде со часови патуваа до своите домови.
Градот Скопје ќе побара објаснување од МВР за причината за предизвикување на денешниот сообраќаен хаос“, напиша таа во Фејсбук статус.