Мерки со кои Шилегов планира да ги задржи младите во Скопје
Со субвенции за децата во градинка, прехрана во училиште и ин витро за млади брачни парови кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, планира да ги задржи младите во Скопје.
Тој рече дека како родител и градоначалник, знае колку е за нив важна финансиската поддршка во овој период од животот и затоа сака градот да излезе во пресрет.
– Прво, го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50 отсто од месечниот трошок. Ги поттикнуваме семејствата да останат во Скопје, тука да се развиваат и остваруваат. Семејствата со едно дете во градинка ќе можат да заштедат до 150 евра годишно благодарение на помошта на градот и општината, а двојно или тројно оние кои имаат две или три деца во градинка. Сегашните просечни 1.400 денари за градинка во Скопје, ги намалуваме до 700 денари и со тоа ги охрабруваме младите родители да вложуваат во развојот на детето, во неговото здравје и среќата на семејството, нагласи Шилегов претставувајќи ја првата мерка од планот.
– Понатаму, сите ученици од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. Родителите ќе можат да задржат до 200 евра годишно во семејниот буџет, ако ја земеме сумата од 2.000 денари месечно што денес во просек ја трошат за оваа намена. Оброкот го правиме подостапен за секое дете а на родителите им ги намалуваме фиксните месечни трошоци, продолжи Шилегов.

– За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град. Непризнаените хормонски терапии на фондот се минато. Сакате да продолжите да се обидувате и после третиот обид? Градот е тука да финансиски да ве поддржи во вашите планови за семејство, додаде Шилегов за третата мерка од планот.
Појасни дека за сите средношколци и студенти веќе е обезбеден бесплатен превоз.
– Сега тие бенефиции ги прошируваме и на оние што продолжуваат со образованието во нашиот град. Со ова сите кои се во процес на образование ќе може да се возат бесплатно во градскиот превоз. На сите постдипломци и докторанди кои студираат на државните универзитети во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во планирањето на својата мобилност низ градот, додаде Шилегов претставувајќи ја четвртата мерка.
Истот ака, обезбедува 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети.
– За секој средношколец од државните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Здравата исхрана е неопходна за виталност и здрав живот. Создаваме навики кај младите за здрава и среќна иднина, нагласи Шилегов во претставувањето на шестата мерка од планот финансиска поддршка на овие категории на граѓани.
Овие мерки, Шилегов денеска ги презентираше пред другите кандидати за скопските општини од редовите на владејачката партија.