38. Поетска ноќ во Велестово со учесници од шест земји
Од 21 до 23 август ќе се одржи 38. издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“, кое ќе обедини дваесетина поети, музичари и уметници од Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија.
Програмата ќе започне на 21 август во 21 часот во Велестово со поетскиот портрет на Јовица Ивановски, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што ќе следува „Имаго“ ‒ интернационално поетско читање, на кое ќе настапат поетите од странство, а вечерта од 22:30 часот во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ ќе биде отворена и изложбата на акварели на Ивана Настески под наслов „Флора“.
Следните два дена ќе се одржат книжевни промоции на пет стихозбирки од: Павле Горановиќ од Црна Гора, Томица Бајсиќ од Хрватска, Звонко Карановиќ од Србија, Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска и Вероника Димоска од Македонија, како и уште две интернационални поетски читања „Мозаик“, едното во Охрид во „Лапидариум“, а завршното поетско читање ќе се одржи во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово в недела, на 23 август, на кои, покрај споменатите поети, ќе настапат и Моли Туми од Ирска, Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, како и домашните поети: Викторија Ангеловска, Диме Ратајкоски, Тони Попов, Никола Наумовски, Ива Шајноска, Звонко Димоски, Илко Димитриевски, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.
Во програмата предвиден е и кус музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија (кавал и електрична гитара), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.
Дизајнот на постерот за годинешното издание на фестивалот е на Андреј Павлов.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на Томица Бајсиќ од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и фестивалот „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”) од Загреб.