„Бионтек“ отвори нова фабрика во Марбург


Германската компанија „Бионтек“, денеска почна со производство на својата вакцина против корона вирусот во новата фабрика во германскиот град Марбург.

Со овој потег  треба да го забрзаат снабдувањето со вакцината до крајот на годината.

„Првите вакцини ќе бидат доставени на пазарот на почетокот на април“, се вели во соопштението на компанијата.

Таму годишно треба да се произведуваат 750 милиони дози вакцини.

Производството допрва треба да биде одобрено од Европската агенција за лекови (ЕМА), а целата потребна документација треба да се достави во текот на февруари и март, по што се очекува дозвола за работа.

Властите во сојузната држава Хесен, каде се наоѓа централата, веќе издадоа дозвола за започнување со работа.

Во првата половина на оваа година, новата фабрика треба да произведе 250 милиони дози вакцина против корона вирус, а кога фабриката ќе работи со полн капацитет, тука треба да се произведуваат 750 милиони дози вакцини годишно.

Со отворањето на новата фабрика, „Бионтек“ и нејзиниот глобален партнер „Фајзер“ сакаат да ја постигнат целта за глобално производство на две милијарди дози вакцини во тековната година. „Бионтек“ ја купи фабриката во Марбург во септември од швајцарската компанија „Новартис“.