300 години од раѓањето на Имануел Кант ќе се одбележат денеска во Скопје


 

Со настан насловен „Низ патеките на (не)разумното – 300 години од раѓањето на Имануел Кант“, денеска во Скопје завршува деветотто издание на КРИК – фестивалот за критичка култура.

Организаторот на фестивалот Контрапункт во партнерство со Гете институт – Скопје, денешниот ден, 26 октомври, му го посветува на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање. Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото, ќе бидат артикулирани во јавниот простор социо-културно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ.

„По патеките на (не)разумното” е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како „Скопје 2014” кич тура. Чекорејќи низ грдата замисла за градот на само еден човек, спојуваме наративи и осознаваме како „Скопје 2014” всушност е можно. На одредени точки од прошетката публиката ќе има ексклузивна можност да ja слушне и музичката интерпретација на оваа тема преку визијата на Алембик (Ива
Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг), наведуваат организаторите.

Прошетката ќе започне во 15,30 часот, пред Музејот на македонската борба за независнот и ќе трае до 17,30 часот.

Вториот дел од критичкото дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел дискусијата, која ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18,30 часот. Панелисти се Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје).