11 Октомври 2022. Борба за утре, не за некни
Нападот врз прилепскиот участок е напад врз бедем на агресивната и сурова фашистичка окупација, а не напад врз Бугарите како народ
Аспарух Јосифоски, Душко Наумоски, Блаже Спироски, Милан Димоски, Драган Спироски, Никола Попоски, Мизе Козар, Пеци Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин, Душко Ристески, Мице Димески, Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки, Киро Базеркоски. Ова се имињата на шеснаесетте партизани од одредот „Гоце Делчев“, кои на 11 октомври 1941 година, ги напаѓаат прилепскиот участок и затворот и ги кинат телеграфските и електричните кабли. Со тоа ја започнаа најсветлата, победничка и државотворна епопеја на Македонците – Народноослободителната борба и антифашистичката револуција во Македонија.
За да биде сеќавањето вистинско и вистинито, кога се навраќаме на почетокот на борбата, мора да се спомнат и оние кои и пред 11 октомври со оружје стрелале врз окупаторите и нивните соработници – Лазо Колевски, Боро Петрушевски, Благоја Деспотовски – Шовељ (првата жртва во вооружените акции, загинува при обид за атентат врз Мане Мачков) и Трајко Бошковски – Тарцан. Слава им на хероите!
Македонскиот народ, во најмрачниот период на дваесеттиот век, кога под налетот на нацистичките и фашистичките орди се рушат држави и се уништуваат и се бришат од постоење цели народи и посебни култури, кога заканата е – сто ваши за еден фашистички војник или соработник, се решава да застане на вистинската страна на историјата и, преку вооружена борба, да се избори за својот суверенитет и за својата државност. Во ерата на националистичкиот шовинизам, Македонците, во најголем број, застануваат на страната на антифашизмот, на страната на слободарските движења и народи, страна која наместо војна, уништување и угнетување, го гледа постоењето преку мир, соработка и почитување на сите.
Народноослободителната борба и антифашистичката револуција која започнува на 11 октомври во ниеден момент нема за цел напад врз некој народ, нема, во својата суштина, омраза. НОБ е чин на ослободување, чин на градење општество во кое има место за сите и во кое сите ќе се чувствуваат свои на своето, општество и земја кои сите ќе ги чувствуваат како свој дом. Така и нападот врз прилепскиот участок е напад врз бедем на агресивната и сурова фашистичка окупација, а не напад врз Бугарите како народ. Најголемата доблест на македонските партизани е тоа што се водени од љубов кон својот народ, својата земја и слободата, а не од омраза и национализам.
Денес, осумдесет и една година по славниот 11 Октомври, светот (а и Македонија) се чини дека сѐ уште се соочува со слични, ако не и исти сеништа. Подем на крајната десница, агресивен милитаристички империјализам, националистички движења и омраза кон другите и поинаквите култури и сфаќања за светот. Толеранцијата и слободарството се во дефанзива пред повторниот наплив на омраза, исклучивост и на новите форми на фашизмот. Тоа прави празникот да не се доживува како одбележување на еден одамна завршен, успешен поход, туку како светилник околу кој се собираат и се мобилизираат прогресивните, слободарски сили во постојаната и непрекината борба за остварување на антифашистичките идеали.
Во последно време, реакционерните сили бесрамно ги присвојуваат НОБ, па дури и АСНОМ. Тоа е истата тенденција на десницата да се преземаат македонски антифашистички, прогресивни симболи и вредности и целосно да се извртат во националистички наратив. Така беше и со борбената химна на македонските антифашисти „А, бре, Македонче“, така е и со 11 Октомври.
Првоборецот, генерал Тодор Атанасовски, во една пригода рече: „Македонската држава е антифашистичка по род!“ И мора да сфатиме дека тоа не е само флоскула која е излитена од употреба и лишена од значење. Оваа наша земја единствено може да постои само додека е на патот на слободата, прогресот и во спротивна насока од омразата. Секое скршнување кон реакционерните, фашизоидни струи, без оглед во каква обланда се спакувани, води кон деструкција, враќање назад и цивилизациско уназадување на сите кои живеат овде. Не смее да нè води стравот од непријателите, омразата кон нив и затворањето на општеството во некои стари и мрачни меѓи, туку визијата за подобро утре, за општество отворено кон светот и дел од него. Како што во една пригода изјави Константинос Селцас, единствениот пратеник во грчкиот парламент кој се изјаснува како етнички Македонец: Ние сме за утре, тие се за некни.
А, некни е поминато и не се враќа, единствено можно наше движење е кон утре. Ослободени од фашизам.
(Васко Лазаревски е дипломиран етнолог и граѓански активист)