„100 години Ацо Шопов“ организираат Општина Центар и Францускиот институт – Скопје


Општина Центар и Францускиот институт – Скопје денеска во Музејот на македонската борба ќе организираат омаж за поетот и книжевен преведувач Ацо Шопов (1923-1982) по повод стогодишнината од неговото раѓање.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, и амбасадорот на Франција во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, свечено ќе ја отворат манифестацијата „100 години Ацо Шопов“ на која ќе се обратат истакнати македонски поети, професори и членови на семејството на поетот Шопов.

Како што соопштија организаторите на настанот, со излагањата ќе се чествуваат животот, творештвото и преведувачка дејност на Ацо Шопов.

Ученици од ООУ „Димитар Миладинов“ и студенти од Филолошки факултет „Блаже Конески“ ќе рецитираат поезија од Шопов на македонски и на француски јазик. Најавено е и обраќање на Светлана Шопова, сопруга на Ацо Шопов.

Настанот ќе заврши со настап на пијано на 12-годишната Петра Митровиќ, стипендист на Општина Центар од областа на културата, која има освоено единаесет први места на светски натпревари и солистички концерти во катедралата „Нотр Дам“ во Париз и „Карнеги хол“ во Њујорк.