Џејха тргна да се види со сестра си, но никогаш не стигна


Во скромниот дом на семејството Меџити во гостиварското село Здуње од рано утрово доаѓаат пријатели и роднини да им изразат сочувство на родителите и двете сестри на Џејха, средношколката која синоќа се удави во водите на Вардар. Трагичниот случај одекна во јавноста и заради бизарноста, бидејќи таа во обид да се спаси од напад на куче бездомник паднала во студените води во реката.

Таткото на Џејха, Фејсал потресен од трагедијата која го снајде петчленото смејство вели дека нема многу детаљи за настанот. Освен официјалните извештаји не знае ништо повеќе, ниту како се бранела ниту, пак, како паднала во коритото на Вардар. Единствено што знае дека по завршените часови, Џејха требало да се најде со постарата сестра во град и заедно да се вратат во селото.

Телото е предадено на семејството, а попладнево, треба да биде организран и погребот на селските гробишта во Здуње.

Веста за смртта на ученичката во трета година гимназија, низ Гостивар се прошири молскавично, со оглед дека непосредно по јавувањето во полиција беше организирана потрага по должина на коритото на Вардар. Тричасовната борба со времето и надојдениот Вардар заврши трагично откако жители на селото Балиндол го нашле телото на пет километри од местото каде девојчето паднало. По констатиранта смрт од лекар, телото било предадено на обдукција, а јавен обвинител извршил увид.

Реакциите по настанот, најмогу се раширија по социјалните мрежи и во нив се бара одговорност од локалната власт заради проблемот со бездомните кучињата кои во глутници шетаат низ градот и често напаѓаат.

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари искажа сочувство и побара од сограѓаните во „фејзбук“ обраќањето  да ја остават екипата да работи без притисоци за згрижување на кучињата и да не се измислуваат драматично-политички приказни.

– Изразувајќи им најискрени сочувства на семејството на девојчето, како брат кој по вторпат ја изгуби својата сестра, би ги замолил оние кои воопшто не ги засега болката на семејството и оние кои биле погодени со вакви несреќи да не влегуваат во политички драми, напиша гостиварскиот градоначалник и нагласи дека локалните власти проблемот со бездомните кучиња го наследиле и кон неговото решавање имало сериозен пристап во измнатиов период.

Официјална верзија на настанот од синоќа сé уште нема. Неофицијални информации говорат дека очевидци го забележале нападот и неколкумина се обиделе да  ѝ помогнат, а по неуспешните обиди, се јавиле во полиција.

Од гостиварската полиција информираа дека синоќа околу 19 часот и 15 минути, било пријавено дека во Гостивар, 17 годишнa девојка од село Здуње, гостиварско, бегајќи од кучиња-скитници, паднала во водите на реката Вардар во близина на мостот. – Веднаш по добивањето на пријавата, преземени се мерки за нејзино пронаоѓање. Во 22 часот и 30 минути, девојката е пронајдена почината во близина на мостот во  Балиндол, гостиварско, велат од СВР Тетово.

(MИА)