Џафери: Со непотпишување на указот, Иванов го крши Уставот
Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека е личен избор на претседателот Ѓорге Иванов дали ќе го потпише Законот за јазици, но со непотпишување на указот претседателот го крши Уставот зашто, рече, доколку мнозинството го изгласа по вторпат законот, претседателот е должен да го потпише.
Во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на ТВ Телма Џафери рече дека се уште размислува и се консултира што да одлучи околу најавеното непотпишување на указот од Иванов. Не ги кажа опциите што би биле следен чекор. Најважно е, смета, што спречил блокада и обезбедил да функционира Собранието во претстојниот реформски процес.
– За мене е битно дека го обезбедив она што го ветив претходно – дека повеќе нема да дозволам да има ситуација да се блокира Собранието, а тоа го правам во интерес на граѓаните и на државата, особено во овие историски околности пред кои се наоѓаме. Во интензивните разговори за надминување на разликите во спорот за името, свесен сум за мојата политичка одговорност и се решив за помалото зло, рече Џафери.
Според него, неотворање расправа по амандмани е оправдано ако се работи за повисока цел. – Ако се 36 илјади амнадмани по пет минути расправа и гласање по пет минути, тоа се триста работни дена по десет часа, ништо друго да не работите, вклучувајќи саботи, недели и празници, рече Џафери.
Не смета дека усвојувањето на Законот е избрзана одлука затоа што законот е изгласан на 11 јануари, а тој им дал два месеца, како што рече, сите да се вразумат. Во однос на овој закон ВМРО-ДПМНЕ, рече, имале ултимативни барања.
– Овде нема политички проблем, овде има изричито политичка одлука на политичка партија која не може да разбере дека е во опозиција и по секоја цена сака тоа да го претвори во проблем, рече, меѓу другото, претседателот на Собранието